Muhittin Sandıkçı
06 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
РИЗЕ
Метин Терџан, столар од северниот турски град Ризе, на оригинален начин ја покажа својата столарска уметност така што постар автомобил го трансформира во камионет што во потполност го направил од дрво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Терџан, долгогодишниот столар во местото Ѓунејсу, во источниот Црноморски Регион, нашол автомобил произведен во 1988 година, чија веќе застарена каросерија ја дал на отпад, го сочувал здравиот мотор, а потоа се одлучил на необичен чекор. Од малиот автомобил направил камионет, а единствениот материјал што го користел бил дрво.

Во својата мала столарска работилница, Терџан 18 месеци работел на дрвениот камионет, изработката на шасија, хауба, куќиште, тркала, врати...
По 1,5 година напорна работа и потрошени 50.000 лири (околу 5.000 евра), тој успеал да го подигне на тркалата. Неговиот потфат наиде на голем интерес и на социјалните мрежи.
Во разговор со новинарот на АА, Терџан истакна дека од таткото го наследил столарскиот занает, а дека инаку прави мебел.
- Без ниту еден клинец
Зборувајќи за тоа како одел целиот овој процес, Терџан раскажува како работел на камионот врз основа на она што го замислил во главата, без претходно да го стави проектот на хартија.
„Почнав да дизајнирам во мојата глава. Не ставав ништо на хартија порано. Ако го сторев тоа, можеби ќе излезеше поинаку. Сето тоа траеше 18 месеци, со проект можеби ќе траеше пет месеци помалку. Променив некои делови четири или повеќе пати. Сè е направено од дрво, шасијата е дрвена, само прицврстена со челик. Конечно успеав да го склопам и да го поврзам моторот“, вели Терџан.
Тој објаснува како е извршена импрегнацијата за време на изработката на камионот, односно процесот на натопување на дрвото со разни хемикалии со цел да се заштити од влага и штетници.
„Во целиот автомобил нема ниту еден клинец, на некои делови постојат само шрафови. Сите делови од дрвото се испреплетени“, појаснува Терџан.

Тој додава дека пријателите го предупредувале да не го остава автомобилот на дожд, а тој тврди дека тоа не претставува проблем за овој автомобил, иако е направен од дрво.
„Животниот век на ова возило во вода е 1,5 пати подолг од автомобилот од лим. Може да остане 20 години во вода, после тоа ќе биде повторно истиот автомобил. Дождот и снегот за него не претставуваат проблем“, истакнува Терџан.
Задоволен е и горд што успеал да направи поразличен и доста автентичен автомобил.
– Понуди од странство
Се наведува дека веќе имал голем број понуди да го продаде својот дрвен камионет.
„Имаше муштерии од странство, Германија, Велика Британија. Претходно одбивав да разговарам за тоа, меѓутоа сега сум подготвен да го дадам на некој што добро ќе го пази и чува. Имав дури понуди и да го заменам за модел 2020“, вели Терџан.
Во изработката на камионетот користел четири различни видови дрво, а веќе планира од дрво да направи и џип.