Muhammed Boztepe,Serdar Açıl
06 Јули 2021•Ажурирај: 07 Јули 2021
АНКАРА
Турските обвинители денес издадоа налози за приведување на 66 осомничени лица поради наводи за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, додека 50 од нив се фатени, потврдија службите за безбедност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението издадено од Канцеларијата на јавниот обвинител во Анкара, осомничените дејствувале во рамките на судството и користеле оперативна телефонска линија за комуникација во терористичката група.
Операциите за приведување на преостанатите осомничени се во тек.
Одделно, беа започнати операции за пребарување во турските области, вклучително и во Истанбул, за да се фатат 15-те осомничени кои се приклучиле на ќелиите на ФЕТО за да се подготват за испитите за судство во 2013-2014 година, во обид да станат судии или обвинители.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.