Hanife Sevinç
05 Август 2018•Ажурирај: 06 Август 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Ханифе Севинч
Хотелот за мачки, чии сопственици не можат да ги понесат своите миленици на одмор, отворен во истанбулскиот кварт Алтинизаде, покрај одморот, на своите гости им нуди и рехабилитација, пишува Anadolu Agency (AA).
Хотелот со капацитет за 30 мачки, отворен во 2012 година, наутро организира појадок, а потоа мачките се префрлаат во простории за игра. Целиот комплекс е максимално приспособен, со цел мачките да уживаат за време на престојот.
Во Хотелот „Lucky Cat House“ работи и Лејла Појраз, која ни рече дека се обидуваат на мачките да им ги понудат најдобрите услуги, а на идејата за формирање хотел за мачки дошле сосема случајно.
„Откако го закупивме просторот, размислувавме за што да го искористиме. Идејата настана кога се укажа потребата за сместување на нашите четири мачки. Тоа беше хоби кое прерасна во бизнис“, појасни Појраз.
Таа додаде дека сопствениците на мачките често имаат проблеми каде да ги остават своите миленици кога не се дома.
Појраз истакна дека настојуваат квалитетот на услуги да го држат на високо ниво, и со самото тоа да примаат помал број клиенти.
„Многу е важно сопствениците на мачките да ни веруваат. Сакаме да дојдат и да нѐ посетат. Не е доволно само да се оствари повик и да се добијат информации. Кога ќе дојдат, можат да го видат просторот и можеме адекватно да им одговориме на прашањата“, рече Појраз, и додаде дека услугите на хотелот, особено за своите миленици, ги користат претежно странски државјани.
Во исто време, мачките во хотелот можат да минуваат и низ процес на рехабилитација и приспособување.
„Нашите рехабилитациски услуги ги надминаа услугите на хотел. Еден клиент ни рече дека неговата мачка која гребела и била палава, во потполност се сменила по престојот во хотелот, почнала да се умилкува и се приспособила на куќата. Тоа нас многу нѐ усреќи“, рече Појраз.
Нагласи дека нивна цел не е само да се грижат за мачките 10 - 15 дена, туку да им понудат љубов, внимание и позитивност.
Бушра Чалишкан (25), која работи како психолог, во една кампања станала сопственичка на две мачки.
Таа изјави дека имала голем проблем поради недостиг од простор во кој би можела да ги остави своите миленици при заминување на пат или на семинари надвор од градот.
„Многу е тешко да се остават мачките. Се обидувам да не ги оставам сами дома кога заминувам на пат. Чувствувам како дел од мене да останува со нив“, додаде Чалишкан.
Додека се подготвувала за нов пат, одлучила да провери дали хотелот „Lucky Cat House“ е вистинскиот избор за нејзините миленичиња.
„Во прв момент помислив дека тоа негативно ќе се одрази врз нив, но потоа, кога ги видов просториите, го сменив мислењето. Не мислам дека се несреќни. Добри се и хигиенските услови. Сега ми е полесно“, рече Бушра Чалишкан.