Ayhan Şimşek
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ХАМБУРГ (АА) - Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу денес ги повика меѓународните партнери да бидат претпазливи кон терористичката организација ФЕТО, која го организирала обидот за државен удар во Турција на 15 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред колегите од 56 нации, на годишниот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во Хамбург, Чавушоглу предупреди дека ФЕТО не е само закана за Турција, туку и за другите земји.
„Сите ние треба да бидеме претпазливи кон терористичката организација ФЕТО, бидејќи ова е терористичка мрежа којашто е активна во цел свет, во 170 земји“, рече тој.
Чавушоглу нагласи дека членовите на ФЕТО се одговорни за неуспешниот обид за соборување на демократски избраната власт, кој се случи ноќта на 15 јули.
„Воени авиони го бомбардираа турскиот Парламент. Тенковите поминуваа преку невините цивили. Терористите на ФЕТО убија 248 цивили, а илјадници беа повредени. Но турскиот народ го спречи овој обид и ја одбрани демократијата“, изјави Чавушоглу.
Тој им се заблагодари на земјите што покажале солидарност со Турција по обидот за државен удар, и нагласи дека Турција ќе продолжи да ги презема потребните мерки во согласност со владеењето на правото, за да избегне сличен обид во иднина.
Турскиот министер за надворешни работи исто така ги повика и земјите-членки да преземат неселективна акција против сите терористички групи, без оглед на нивната политичка припадност.
„Нашите народи се борат против неколку терористички групи, вклучувајќи ја Ал Каеда, ДЕАШ и други. И ФЕТО не е ништо поразлична од нив“, нагласи тој.
„Нашата борба против тероризмот мора пред сѐ, да биде искрена и неселективна. Да не заборавиме дека не постои добар терорист“, додаде тој.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, се товари за организирање на обидот за државен удар во Турција на 15 јули, како и за водење долготрајна кампања за соборување на власта преку инфилтрација во турските институции, особено во армијата, полицијата и во судството.