АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер, Нуман Куртулмуш, и претседателот на Управата за верски работи при Владата на Република Турција, Мехмет Ѓормез, порачаа дека е неопходно итно да бидат прекинати судирите во Алепо за да се спречи умирањето и исчезнувањето на еден од најважните градови на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
Управата за верски работи и Фондацијата „Дијанет“денес најавија дека ќе започне хуманитарната кампања наречена „Нека не умре човечноста во Алепо”. По тој повод, турскиот вицепремиер Куртулмуш на прес-конференција истакна дека цел на кампањата е да се соберат милиони сојузници за да се слушне гласниот повик за спас на Алепо.
„Се надеваме дека оваа трагедија во Сирија наскоро ќе заврши. Алепо нема да умре, како ни верата, цивилизацијата и големата култура во него. Тие повторно ќе се воздигнат и ќе се обноват. Алепо повторно ќе биде еден од главните центри на Блискиот Исток“, изјави Куртулмуш.
Укажувајќи на страотните размери на човековите страдања и сите вредности во војната во Сирија, Куртулмуш изјави дека таа се претворила во војна во која е убиено достоинството на целата светска јавност.
Тој додаде дека новозапочната хуманитарна кампања е своевиден повик до човештвото да не се заборават основните цивилизациски и други вредности.
Критикувајќи ја меѓународната заедница поради пасивниот однос кон страдањето на муслиманите во Сирија, Мјанмар, Палестина и во другите делови на светот, Куртулмуш порача дека исламскиот свет мора да се зајакне за да се спречат нападите на моќните и злобните луѓе во светот.
„Ќе продолжиме да зборуваме дека светот е поголем од петте привилегирани сили во Советот за безбедност и ќе се бориме за воспоставување праведен систем во земјата. Ќе продолжиме да ѝ укажуваме на јавноста дека случајот Алепо не е само внатрешно прашање на Сирија, туку сегмент од новиот договор Сајкс-Пико. На крупен план, има обиди овoj регион повторно да се подели на база на етничка и верска припадност“, порача Куртулмуш.
Куртулмуш нагласи дека новоотворената кампања не е само хуманитарна кампања за собирање помош, туку дека тоа е порака на народот во Алепо, Сирија и сите други народи на светот, во која Турција е сѐ уште со нив и секогаш ќе биде.
Тој потсети дека Турција згрижила три милиони сириски бегалци и за тоа издвоила 15 милијарди долари, како и дека новата кампања за Алепо е порака до меѓународната заедница којашто негодува кога треба да се згрижат неколку илјади такви бегалци.
„Нам, на Турција, од Европа ни велат да ги држиме сириските бегалци и да не ги пуштаме кон Европа. Ние ќе ги згрижуваме тие протерани луѓе и ќе ја исполнуваме оваа човекова должност дури и кога веќе ниедна земја нема да го прави тоа. Меѓутоа, сакаме и на Европа и на светот да им порачаме да се присетат дека и тие се луѓе. Можеби луѓето што гинат во Алепо се далеку од вас, но не заборавајте дека тоа се деца и луѓе што имаат исти права на овој свет како и вие“, порача Куртулмуш.
Тој рече дека крвопролевањето во Сирија е море во кое се дави човештвото, и ги повика сите актери на меѓународната заедница да вложат максимални напори да се спречи трагедијата.
На конференцијата се обрати и претседателот на Управата за верски работи, Мехмет Ѓормез, повикувајќи ги сите светски лидери да преземат посебни мерки за итно да се започне процесот за трајно воспоставување мир во Алепо и во другите региони што се средишта на судирите.
Тој нагласи дека цел на конференцијата и на кампањата не е да се зборува за војната во Сирија, туку да се слушне гласот на децата што страдаат и да се испрати јасна порака дека човечноста сѐ уште не умрела.
„Дојдовме до пресврт кога сите зборови се потрошени, кога веќе немаме што да кажеме. Децата умираат како во театар, во кој наводно суверените сили стојат со подигнати раце. Децата умираат додека некои го користат ветото. Муслиманските деца умираат кога истите тие нешто ќе успеат и да усвојат“, изјави Ѓормез.
Ѓормез особено ги повика муслиманските земји да го слушнат повикот на цивилите и децата во Алепо, да ги стават настрана несогласувањата и да се обединат во борбата за спречување на бранот војни и судири во кои муслиманите меѓусебно се убиваат со туѓо оружје и за туѓи интереси.
Претседателот на Сојузот на научниците на Дамаск, Усаме ер-Рифаи изјави дека моменталната состојба во Алепо е голема трагедија и драма, и дека овој пат Турција покажала дека посветено се бори за да им помогне на загрозените.
„Муслиманите ги изгубија патоказите, заедништвото и меѓусебната солидарност. Мисијата што ја започна Турција денес е многу важна. Му благодарам на Бога, изгледа дека пастирот го пронашол своето изгубено стадо“, изјави Рифаи.
Тој истакна дека Израел ги собира и ги штити сите Евреи во светот, а дека срцата на сите муслимани во светот денес се со Турција, која го започна процесот за напредок на муслиманите.
На конференцијата присуствуваа и заменикот на генералниот директор на Anadolu Agency Метин Мутаноглу, челникот на хуманитарната организација ИХХ, Булент Јилдирим, директорот на фондацијата „Дијанет“ Мустафа Туткун и претставници на други невладини организации.