АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека се воспоставени односи меѓу Турција и Египет на дипломатско ниво и нагласи дека нема причини односите на Анкара со официјално Каиро да не бидат унапредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу истакна дека за повторното унапредување на односите меѓу Турција и Египет е потребно време поради прекинот од 2013 година, додавајќи дека ниту една страна не поставила какви било предуслови за нормализација на односите.
„Имаме контакти со Египет и на разузнавачко ниво и на ниво на министерствата за надворешни работи. Нашите контакти на дипломатско ниво исто така започнаа“, изјави Чавушоглу во разговор за АА и ТРТ.
На прашањето на кој начин трилатералниот состанок на кој вчера во Доха министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Катар за прашањето на Сирија започнаа нов трилатерален процес на советување, може да придонесе за решавањето на сириското прашање, Чавушоглу изјави дека Катар во последно време сака да преземе конкретни чекори, особено во смисла на решавање на хуманитарната криза на терен.
„На иницијативата на Катар, прво одржавме состаноци на ниво на високи службеници. Подоцна одлучивме тоа да го направиме на министерско ниво и го имавме првиот состанок“, изјави тој.
Истакнувајќи дека на овој начин ќе бидат преземени чекори во врска со испораката на хуманитарна помош и овозможувањето на образованието, Чавушоглу изјави дека нивната цел е стабилноста, мирот и политичкото решение за цела Сирија.
„Овој состанок не е алтернатива на Женевскиот процес или на Процесот во Астана, во кој учествува и Иран или на другите процеси. Постојат работи на терен кои можеме заедно да ги направиме како три земји и затоа и се состанавме“, појасни тој.
Чавушоглу истакна дека донеле одлука да го продолжат овој трилатерален формат и дека оваа соработка ќе биде продолжена на ниво на високи државни службеници, додавајќи дека наредниот состанок ќе биде одржан во Турција.
- Во април во Истанбул планираме да одржиме состанок за мировниот процес во Авганистан -
На прашањето за предлогот на Соединетите Американски Држави (САД), Турција да биде домаќин на состанокот за да се заклучи Мировниот договор за Авганистан и дали Турција се вклучила во тој процес, Чавушоглу истакна дека Турција од самиот почеток е дел од тој процес.
„Знаете дека ние сме една од неколкуте земји повикани на церемонијата на потпишување. Исто така, ние сме еден од најважните актери во Авганистан“, изјави тој.
Тој напомена дека двете страни во тие преговори имаат доверба кон Турција.
„Како талибанската, така и делегацијата на авганистанската Влада, од нас веќе претходно бараа да бидеме домаќин на ваквиот состанок“, изјави шефот на турската дипломатија.
Потсети дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно го примил авганистанскиот претседател Ашраф Гани и претседателот на Врховниот совет за национално помирување на Авганистан, Абдула Абдула. Исто така, потсети како и тој самиот минатата година во Доха по церемонијата на потпишување на американско-талибанскиот договор се состанал со челникот на талибанската делегација за преговори во Катар, Абдул Гани Барадар.
Чавушоглу истакна дека Турција исто така ќе го именува специјалниот претставник за Авганистан за да го даде својот придонес кон целиот процес.
По повод состанокот кој треба да се одржи во Турција, истакна дека неговата земја на овој начин сака да го даде својот придонес во решавањето на ова прашање.
„Секако, нема сами да го одржиме овој состанок. И ова исто така не е алтернативен состанок на катарскиот процес, туку го надополнува. Тоа ќе го направиме во координација со братската земја Катар. Ќе се одржи во Турција, но овој состанок нема да биде само во смисла, обезбеди им хотел, соба. Што е нашата цел? Да се продолжат преговорите меѓу Талибанците и Владата чиј фокус е постигнување решение. Можеби на еден состанок нема да се согласат околу сѐ или можеби нема да биде постигнато решение, но тоа е процес кој се продолжува. Верувам дека Турција, со преговорите и разговорите кои ги води и кои ќе ги изврши со меѓународната заедница, ќе даде важен придонес на овој меѓуавганистански состанок“, изјави тој.
Чавушоглу истакна дека планирано е споменатиот состанок да се одржи во април.
„Разговараме за датумот за одржување и неговата содржина. Кога станува збор за таквиот договор, секако, не е важно каде кој се наоѓа за сите да можат да дојдат полесно, но дека Истанбул ќе биде поповолен и во логистичка смисла.“
Коментирајќи ги разговорите со Талибанците, Чавушоглу изјави дека се во контакт со нив.
„Разговаравме со нивниот претставник, со преговарачите, но и понатаму разговараме. Исто така им праќаме пораки. На пример, им велиме ’Престанете со тие напади. Нема вистински преговори сѐ додека се извршуваат нападите.‘ Сите се во контакт, а знаете дека и Американците потпишаа договор со Талибанците“, изјави тој.
- Започнавме дипломатски контакти со Египет -
На прашањето дали една од двете земји поставила какви било предуслови за нормализација на турско-египетските односи, Чавушоглу изјави дека немало предуслови.
„Од Египќаните не дојде ниту еден предуслов. Ниту ние поставуваме каков било предуслов. Нема предуслови. Но кога врските со години се прекинати, не е така лесно да се постапи како ништо да не се случило. Тоа се одвива така што полека се разговара, се утврдува мапата на патот и се преземаат чекори кон тие прашања. Сакале или не, недостига доверба по толку години прекини на односите. Тоа е нормално, тоа може да се случи на двете страни. Од таа причина, разговорите се одвиваат во рамките на одредени стратегии и мапата на патот. Со Египет имаме контакти и на разузнавачко ниво и на ниво на министерствата за надворешни работи. Нашите контакти на дипломатско ниво исто така започнаа“, појасни Чавушоглу.
Тој истакна дека претходно во одредени пригоди се состанувал со египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, на меѓународните состаноци и дека се состанале во Њујорк пред две години, напоменувајќи дека од 2013 година дошло до прекинување на односите и дека контактите се одвивале постепено.
- Планираме посета на Сомалија -
На прашањето за Сомалија која се соочува со внатрешни проблеми, Чавушоглу изјави дека Турција, Сомалија ја смета за братска земја на која ѝ придава значење.
„Важно е сите страни во Сомалија што побрзо да постигнат договор за изборите. Сите во Сомалија се наши браќа. Ги прифаќаме сите луѓе, без каква било дискриминација.“
Тој порача дека Турција пружа поддршка на зајакнувањето на Сомалија.
„Но би било корисно што побрзо меѓу себе да се договорат и да ги преземат потребните чекори во врска со прашањето за изборите. Наредните денови планираме посета на Сомалија за во таа смисла да ја искажеме нашата поддршка“, изјави тој.
- Не разговаравме со САД за ниту еден модел за да ја надминеме кризата за прашањето во врска со С-400 -
На прашањето дали може да се очекува состанок меѓу Турција и САД на ниво на лидери за да се разгледа прашањето за С-400, Чавушоглу истакна дека во соодветно време може да се очекува таков разговор.
„Секако, состанокот на ниво на лидери зависи од лидерите. Не би било во ред да се каже нешто во нивно име за тоа дали ќе биде овој или оној датум, но сметаме дека таквиот состанок ќе се одржи во соодветен момент“, изјави Чавушоглу.
Тој потсети дека портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, разговарал со американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, а дека тој разговарал со американскиот колега Ентони Блинкен, додавајќи дека со Блинкен имал долг и искрен разговор.
„На крајот се согласивме околу состанокот, чиј фокус е постигнување решение, и искрено би се разговарало за сиве овие прашања за кои имаме различно мислење.“
На прашањето како американската страна гледа на предлогот за „критскиот модел“ за надминување на кризата во врска со С-400, истакна дека со Американците не разговарале за ниту еден модел.
„Не разговаравме никако за модел. Само за С-400, за прашањето во врска со терористите на ЈПГ/ПКК и за други прашања. Кажавме да седнеме и да разговараме за сите прашања и да процениме што можеме да сториме во однос на нивно решавање. Не би било во ред телефонски да се разговара за такви прашања“, изјави Чавушоглу.
- Кинескиот министер за надворешни работи на 25 март во Турција -
Чавушоглу изјави дека кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во рамките на регионалната турнеја ќе ја посети и Турција.
„Изразија желба на 25 март да дојдат во Турција. На дневен ред на посетата се билатералните односи, регионалните прашања, како и прашањата кои се однесуваат на Азија и Евроазија. Тука е и борбата против Ковид-19, ќе се разговара за сите актуелни прашања“, изјави Чавушоглу.
- Испративме нацрт на мапата на патот до ЕУ, чекаме одговор -
На прашањето дали блиските контакти на Турција со Франција и Германија на ниво на лидери ќе имаат поконкретни резултати како некои акциони планови, Чавушоглу одговори дека тие се многу корисни за одржување на позитивно опкружување.
Истакнувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имал редовни состаноци со германската канцеларка Ангела Меркел, Чавушоглу потсети и на неодамнешниот разговор на Ердоган со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Можам да кажам дека тоа беше најпозитивен состанок кој досега го имале. Конечно ги започнавме разговорите. Постои прашањето за Сирија, околу кое не се согласуваме, тука е и Либија. Освен тоа, имаше и значаен број состаноци на ниво на советници, тие исто така ќе бидат продолжени“, изјави Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија смета дека директните разговори на претседателот Ердоган со челниците на ЕУ се корисни за преземање конкретни чекори за одредени прашања.
Потсети дека со претседателот на Советот на ЕУ, Шарлс Мишел, е донесена одлука за работата на мапата на патот во односите меѓу Турција и ЕУ.
„Им го испративме нашиот предлог, нашиот нацрт на мапата на патот. Сега чекаме одговор“, порача Чавушоглу, објаснувајќи дека мапата на патот всушност се однесува на ажурирање на веќе познатите проблеми во согласност со денешните околности.
Тој ја нагласи важноста за позитивна атмосфера во односите на Турција и ЕУ, но нагласи дека Турција од ЕУ има конкретни очекувања како ажурирање на Царинската унија, визната либерализација, ажурирање на договорите за миграции и борбата против тероризмот.
Истакна дека наредната недела на барање на министерот за надворешни работи на Франција, Жан Ив Ле Дриан, ќе реализира телефонски разговор.
„Многу ги интензивиравме разговорите со земјите на ЕУ, лидерите, министрите за надворешни работи. Наредната недела ќе оствариме и телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Кратко потоа е и Самитот на НАТО. Дипломатијата се интензивира и е забрзана, и покрај пандемијата“, изјави Чавушоглу.
- Доколку Саудиска Арабија и ОАЕ направат позитивни чекори, ќе направи и Турција -
Чавушоглу беше запрашан и за новите околности околу односите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати со Катар, односно дали такво нешто може да се очекува и во односите со Турција и дали во наредниот период е можно да се очекуваат конкретни чекори во контекст на разбивање на негативната атмосфера.
„Во последно време гледаме повеќе позитивни пораки од Абу Даби. Гледаме дека значително е помала негативната кампања против Турција. Ние со нив немаме никакви проблеми, тие имаа негативен став кон нас, но гледаме дека тоа сега е поумерено“, изјави Чавушоглу.
Додаде дека Турција на билатерално ниво нема никакви проблеми со Саудиска Арабија, но како што рече, по убиството на новинарот Џамал Кашоги, другата страна оваа тема ја претворила во билатерално прашање.
„Меѓутоа, тоа не беше билатерално прашање. Тоа беше потрага по правда за починато лице и нашата порака беше дека оние кои го сториле убиството треба да одговараат пред правосудството, дека правдата треба да биде задоволена. Така вели и нашата вера. Значи, другата страна од оваа тема направи билатерално прашање. Ние никогаш не ја обвинивме управата на Саудиска Арабија“, порача Чавушоглу.
Тој изјави дека во ноември 2020 година во Нигер имал еден искрен и многу корисен состанок со саудискиот колега, министерот за надворешни работи, Фајсал бин Фархан ал Сауд.
„Се договоривме да го продолжиме тој дијалог, повремено разменуваме пораки. Сметаме дека не постои причина нашите односи со Саудиска Арабија да не бидат подобрени. Доколку тие преземат позитивни чекори, ние исто така ќе преземеме позитивни чекори. Истото вреди и за ОАЕ. Ние со никого не сакаме да имаме кавга“, изјави Чавушоглу.
- Доколку започнат преговорите за Кипар, ЕУ повторно ќе биде набљудувач -
На прашањето околу желбата на ЕУ да учествува во кипарските преговори, Чавушоглу нагласи дека ЕУ не е страна во тие преговори.
„Секој може да придонесе во решавањето на проблемот, може да го изрази своето мислење. Но, ЕУ не е страна во преговорите, ниту би требало да биде. Зошто? Бидејќи грчкиот дел [Јужен Кипар] е членка на ЕУ. Но, неправедно стана членка, кршејќи ги договорите и меѓународното право. ЕУ досега во потполност ја поддржуваше грчката, а ја игнорираше турската страна и правата на турската страна. Имаше симболични разговори, но главно е игнорирана“, порача Чавушоглу.
Тој нагласи дека нема говор за тоа ЕУ да биде дел од овие преговори и потсети дека преговорите се водат под покровителство на ОН и дека ЕУ учествувала на претходните состаноци како набљудувач.
Потсети дека ќе бидат одржани состаноци во форматот 5+1 со учество на трите држави гаранти и ОН, и изјави дека целта на тоа, што беше предлог на Турција, е да се утврди дали постои основа за преговори.
„Со оглед на тоа што ЕУ не е страна и поради таа криза на доверба, особено Турската Република Северен Кипар (KKTC) не сака да ја види ЕУ тука. Сметам дека тоа на ЕУ не треба да ѝ пречи, бидејќи не е страна. Доколку постои основа за преговори и доколку преговорите започнат, ЕУ повторно ќе биде набљудувач. Тука не ја исклучуваме ЕУ“, порача Чавушоглу.
Зборувајќи за значењето за утврдување на основа за преговори, Чавушоглу нагласи дека за решавањето за прашањето за Кипар се преговара 53 години, но дека не се постигнати резултати.
„За што ќе преговараме уште 53 години? Зошто би преговарале за она што нема да се случи? Зошто би требало да трошиме енергија? Дали ќе биде крај на светот кога постојат две држави? Нека ни го објаснат тоа“, изјави Чавушоглу, нагласувајќи дека во тој процес треба да се бараат реални решенија.
- Ние не сме земја која се плаши од санкции -
Запрашан дали техничките преговори меѓу Грција и Турција ќе доведат до отстранување на заканите од воведување санкции на ЕУ кон Турција, министерот Чавушогли одговори:
„Прво од принцип би го кажал следното: на Самитот во октомври користеа јазик на санкции, но ние дадовме одговор на терен. На Самитот во декември зборуваа позитивно, ние дадовме позитивен одговор. Ние не сме земја која се плаши од санкции, ниту за тоа разговараме.“
Тој нагласи дека Турција не е земја на која ќе ѝ претставува радост тоа што не ѝ се воведени санкции.
„Тие многу добро знаат каков одговор ќе добијат ако донесат одлука за санкции. Но ние не разговараме за тоа. Во разговорите од нас нема да слушнете ни индиректно да кажеме, присутна е позитивна атмосфера во односите, нема да ги земате в обѕир санкциите, нели? Турција одамна ја помина таа фаза. Ние разговараме за тоа како нашата соработка ќе ја развиваме со конкретни чекори“, заклучи тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
