Abdula Berisha
25 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
ШАНЛИУРФА
Турското Министерство за култура и туризам и Турската агенција за развој и промоција на туризмот оваа недела ја организираат програмата „Таш Тепелер“ за промоција на археолошките локалитети од неолитско време во југоисточна Турција. Археолози, истражувачи и новинари од целиот свет учествуваат во оваа програма, а дел од неа е и претставништвото на Агенција Анадолија во Скопје.
Меѓу најважните локалитети досега посетени е „Ѓобеклитепе“, што се наоѓа во близина на градот Шанлиурфа и е стар над 11.500 години, односно датира од околу 9500 година пред нашата ера. Содржи кружни структури со карпести столбови и се верува дека служел како храм, претставувајќи најстар мегалит во светот откриен до денес.
Камените столбови, од кои најголемиот е висок околу 5,5 метри и тежи околу 15 тони, имаат форма на буквата Т, а во нив се врежани портрети на луѓе и разни животни.

Археологот задолжен за ископувањата во Ѓобеклитепе, Ли Клер, дел од Германскиот археолошки институт, раскажувајќи за локалитетот вели дека има потенцијал да ја промени историјата на човештвото што ја знаевме досега. Според него, овој локалитет сведочи за големи промени во начинот на живот на луѓето од тоа време, како што е земјоделството, чувањето домашни животни што се користеле за земјоделство, додавајќи дека пред тоа, луѓето главно се занимавале со лов.
Тој, исто така, го заснова ова на бројните археолошки артефакти пронајдени на локалитетот кои вклучуваат примитивни работни алатки како што се режани камења.
Археологот Клер вели дека не е можно точно да се знае за што се користела структурата. Сепак, тој е убеден дека неговата изградба придонела за раниот развој на земјоделството, бидејќи многуте луѓе кои биле вклучени во неговата изградба морале да се хранат и одржуваат.
Во рамките на археолошкиот локалитет има и центар за посетители каде што се прикажани некои од пронајдените археолошки артефакти. Центарот е опремен и со киносала, каде што се прикажуваат видеоснимки за посетителите, а еден од нив е документарниот филм „Нулта точка во историјата“ (Zero point in time), поддржан од Министерството за култура и туризам на Турција и реализиран во соработка помеѓу невладината организација „Догуш груп“ и Нешнал џиографик (National Geographic).

- Ископување и конзервација
Првите истражувања на археолошкиот локалитет Ѓобеклитепе беа направени во 1963 година од страна на Истанбулскиот универзитет и Универзитетот во Чикаго. Значењето на локалитетот го забележа германскиот археолог Клаус Шмит, кој ги водеше првите ископувања што започнаа во 1995 година. Оттогаш, ископувањата продолжуваат, и досега се верува дека е ископан еден мал процент од целиот локалитет.

Локалитетот беше рангиран на листата на УНЕСКО за светско наследство во 2018 година, признавајќи ја неговата извонредна универзална вредност.
Во рамките на програмата, беа организирани семинари со учество на археолози и претставници на различни институции, каде што беше нагласена потребата за соработка помеѓу владините институции, невладините организации и локалното население за конзервација на локалитетите.

- Археолошки музеј на Шанлиурфа
За време на програмата беше посетен и Археолошкиот и мозаички музеј на Шанлиурфа. Во него се прикажани бројни артефакти пронајдени на неколку археолошки локалитети, како и реконструкција на структурата во „Ѓобеклитепе“, како всушност би изгледала.
Меѓу другите најважни артефакти изложени во овој музеј е статуата „Човекот од Урфа“, која е пронајдена во стариот дел од градот Шанлиурфа околу езерото Баликлигол и која датира од околу 9000 година пред нашата ера, што ја прави најстарата човечка статуа пронајдена досега.

Статуата е висока околу 1,9 метри, а пронајдена е во 1993 година за време на изведување градежни активности.
Исто така, во музејот се прикажани мозаици од хеленскиот, римскиот и византискиот период.
