Fuat Kabakcı
21 ноември 2021•Ажурирај: 22 ноември 2021
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Република Турција соопшти дека со интензивни активности, во Турција се безбедно вратени седум нејзини државјани, кои во заробеништво на истокот на Либија поминале речиси две години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека на спасувањето на турските граѓани интензивно работеле сите релевантни институции, на чело со турската Амбасада во Триполи и Националната разузнавачка служба на Турција (МИТ).
„Нашиот уважен претседател Реџеп Таип Ердоган преку телефон разговараше со нашите државјани кои се вратени во татковината и им посака сè најдобро во животот. Им се заблагодаруваме на сите релевантни институции кои дадоа придонес во ослободувањето на нашите граѓани, почнувајќи од Владата на Либија и Катар“, се наведува во соопштението.
АА претходно објави дека седум државјани на Турција се ослободени од заробеништво во Либија и тоа со заеднички напори на Националната разузнавачка служба Турција (МИТ) и Катарската разузнавачка служба.
Станува збор за лица кои поради неосновани обвиненија речиси две години поминале во притвор на истокот на Либија, а претежно се работи за вработени во угостителскиот сектор.
Ослободените граѓани му се заблагодарија на претседателот Ердоган за блискиот интерес на државата за нивниот случај.