СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ/ИВАНА РАМАДАНОВА
Република Македонија е на прагот на нови, деветти парламентарни избори од нејзиното осамостојување. Парламентарните избори, четврти по ред во низата предвремени избори за составот на Собранието, предвидено е да се одржат на 11 декември годинава.
По воведувањето на политичкиот плурализам во 1989, во тогашната Социјалистичка Република Македонија, беше дозволено да се формираат политички партии и во 1990 беа одржани првите слободни и повеќепартиски избори, кога земјата сѐ уште беше во составот на Социјалистичка Федеативна Република Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година. Потоа, по истекувањето на мандатот следуваа вторите избори во 1994, третите по ред се одржаа во 1998 година, четвртите во 2002, петтите во 2006 година.
Две години по почетокот на мандатот на новата Влада се одржаа првите предвремени парламентарни избори, односно во 2008 година. Во 2011 следуваа седмите по ред парламентарни избори и втори предвремени по ред, како и осмите кои беа предвремени и се одржаа во 2014 година.
- Избори во декември за крај на политичката криза
Политичка криза во Македонија владее веќе неколку години наназад, но нејзиното продлабочување започна уште од парламентарните избори одржани во април 2014 година, кога опозицијата, предводена од Социјал-демократскиот сојуз на Република Македонија (СДСМ), одлучи да не ги признае резултатите од изборите и започна со вонинстутиционални активности, со одржување протести, улични маршови и други граѓански собири.
На почетокот на минатата година, опозицијата започна со објавување на споменатите материјали, на јавноста познати како т.н „бомби“ во рамките на проектот „Вистината за Македонија“, и побара оставка од Владата предводена од премиерот Груевски. Недостигот на институционален одговор доведе до поголема вклученост на ЕУ и САД, што резултираше со политички договор (Договорот од Пржино од 2 јуни 2015 и дополнителниот Протокол од 15 јули 2015).
Одлуката да се одржат предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016 година беше донесена на 31 август годинава, а одлуката ја потпишаа лидерите на Внатрешната македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ), Социјал-демократскиот сојуз на Република Македонија, Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Демократската партија на Албанците (ДПА). Посредник во овој договор беше еврокомесарот Јоханес Хан. На 16 септември беше избрана специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која има задача да работи на предметите што произлегуваат од нелегално стекнатите аудио снимки.
- Македонски изборен систем за парламентарни избори
Пратениците во Собранието на Република Македонија се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, за мандат од 4 години. Со измените на Изборниот законик од 2009 година, покрај шесте изборни единици на територијата на Република Македонија, гласањето се одвива и во новоформираните изборни единици во странство: изборна единица (ИЕ) 7, која се однесува на Европа и Африка, ИЕ 8 Северна и Јужна Америка и ИЕ 9 Австралија и Азија. Со тоа, бројот на пратениците во Собранието се зголеми за три и брои 123.
Секоја од шесте изборни единици на кои е поделена територијата на Македонија избира по 20 пратеници според пропорционалниот изборен модел. Тројцата пратеници од дијаспората се избираат според мнозинскиот модел. Според Државната изборна комисија, вкупно 1.770.736 граѓани имаат право на глас на вонредните парламентарни избори што треба да се одржат на 11 декември оваа година.
Македонска политичка сцена: Политичките партии и нивната идеологија
Внатрешната македонска револуционерна организација - Демократска партија за македонско национално единство, или скратено ВМРО-ДПМНЕ, една од двете најголеми политички партии во Македонија. Партијата се класифицира како народна партија со демохристијанска ориентација. Актуелен претседател на партијата е Никола Груевски.
По смртта на Тито во 1980, започнува постепен процес на дезинтеграција на Југославија. Кон крајот на декадата се јавуваат првите почетоци на партискиот плурализам во Македонија. Дел од вратените иселеници, како и новата генерација македонски интелектуалци политички се оформуваат во духот на македонскиот национализам, барајќи независност на Македонија од југословенската федерација.
Од овие нови политички струи, на 17 јуни 1990 се формира ВМРО-ДПМНЕ, кое станува правно лице со регистрацијата на 5 август 1990 година. За нејзин прв претседател е избран Љубчо Георгиевски. Иако според изјавите на функционерите на оваа владејачка партија, Република Македонија е ориентирана кон Европската Унија и кон НАТО, сепак, од друга страна може да се забележи и нејзината наклонетост кон Русија.
Нејзината демохристијанска ориентираност се рефлектира и во нејзините градежни проекти што како владејачка партија ги реализира, во чии рамки се градат цркви, но и други христијански објекти. Околу стратешките прашања на Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ за дводеценискиот проблем со македонскиот јужен сосед Грција, која не го признава уставното име на Македонија, смета дека името Република Македонија не треба да биде сменето и дека со тоа се задира во идентитетот на Македонците како народ.
СДСМ како политичка партија е основана во април 1991 година. Според начинот на застапување на ставовите, СДСМ ги влече корените од традиционалните левичарски идеи што ја добиваат својата форма на Првата конференција на социјалистите во Македонија, одржана во јуни 1900 година.
Според нејзините официјални ставови, СДСМ како политичка партија се залага за граѓански концепт, со еднакви права на сите граѓани без разлика на етнички, верски, културни или какви било други разлики. Евроатланските интеграции се исто така цел за која се залага СДСМ, но за разлика од владејачката партија, која повеќе е наклонета кон Русија, СДСМ, повеќе е наклонета кон САД.
СДСМ ги предводеше владите на Република Македонија во периодот од 1992 до 1998 и од 2002 до 2006 година.
Трета партија по големина на македонската политичка сцена е Демократската унија за интеграција (ДУИ). Таа е најголема политичка партија на македонските Албанци. ДУИ е формирана на 5 мај 2002 година во Тетово, три месеци пред одржувањето на парламентарните избори во 2002 година. Формирана е од јадрото на Ослободителната Народна Армија (ОНА), која во 2001 отпочна оружен конфликт во Република Македонија, по што оваа партија стана дел од Собранието на Република Макеоднија, но и дел од владејачката гарнитура. Од 2002 до 2006 година е дел од владината коалиција предводена од СДСМ, а од 2008 година е дел од владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Како и двете најголеми партии од македонскиот табор, така и оваа најголема албанска партија во Македонија, според своите официјални ставови се залага за евроинтегративниот процес на Република Македонија и неа ја гледа како дел од ЕУ и НАТО.
Иако одвреме-навреме доаѓа до одредени несогласувања меѓу најголемата македонска политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и најголемата албанска партија ДУИ, сепак овие две партии речиси една деценија се во коалиција и ја сочинуваат власта во Република Македонија.
Демократската партија на Албанците (ДПА) е втора по големина политичка партија на етничките Албанци во Македонија. Основана е во 1997 година, во Тетово, со обединувањето на Партијата за демократски просперитет на Албанците (ПДПА) и Народната демократска партија (НДП). ПДПА е основана во 1994, откако неколку членови на Партијата за демократски просперитет (ПДП), предводени од Арбен Џафери и Мендух Тачи, се отцепија од матичната партија, додека НДП е основана во август 1990, како конкурент на ПДП. Партијата е регистрирана пет години по нејзиното основање, во 2002 година.
Прв лидер на ДПА беше Арбен Џафери, кого на 30 јуни 2007 година го замени Мендух Тачи. Оваа партија на изборите во 1998 година до 2002 година беше дел од власта, до 2006 година беше во опозицијата, а на парламентарните избори во 2006 година повторно влезе во Владата на Република Македонија и беше дел од неа до 2008 година.
- Новата албанска партија: „БЕСА“
Во ноември 2014 година, на македонската политичка сцена се појави нов политички субјект под името „БЕСА“. Оваа партија најпрвин беше движење, а потоа прерасна во партија. За своето двегодишно постоење, „БЕСА“ се профилира како партија којашто е алтернатива на неопределените Албанци, но и сите други етнички заедници во Република Македонија, вклучувајќи ги и Турците, Македонците муслимани, па и Бошњаците, нудејќи заедничко делување во политиката.
- Партии на другите заедници
Свои политички партии како дел од власта и опозицијата имаат и помалобројните етнички заедници во Република Македонија, кои сочинуваат помалку од 10% од вкупната популација во земјата, како што се Турците, Србите, Бошњаците, Ромите, Власите и останатите, и нивните партии се дел и од владејачката коалиција, а некои ги има и во опозицијата.
Најчесто се залагаат за остварување на основните права на помалобројните етнички заедници.
Турската демократска партија (ТДП) на предвремените избори што ќе се одржат на 11 декември, одлучи да биде дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“.
Пратенички кандидати на партијата ТДП се Мутахир Максут и Јусуф Хасани. И партијата Движење за национално единство на Турците (ДНТ) ќе биде дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ДНТ за првпат беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 1999 година. Единствен пратенички кандидат на ДНТ е Дениз Ризванче. Претседателот на ДНТ, Ердоган Сарач, кој претходно беше дел од коалицијата на СДСМ, рече дека СДСМ понекогаш отворено, понекогаш на еден засрамувачки начин ја држи страната на пучистите во Турција.
Претседателот на ДНТ, Сарач, за излегувањето од алијансата на СДСМ изјави: „Неприфатлива е поддршката што им ја даваат на пучистите и на терористите. Тоа е најголемата причина зошто не сме дел од таа коалиција“.
Партијата за движење на Турците (ПДТ) на овие предвремени избори ќе биде дел од коалицијата на СДСМ. Единствен кандидат на партијата e сегашниот пратеник Енес Ибрахим.
- Влијанието на политиката врз меѓуетничките односи
Поради кревкоста на меѓуетничките односи во Република Македонија, тие неретко биле искористувани во партиски цели. Често, во предизборниот период политичарите употребуваат националистичка реторика којашто ги поттикнува приврзаниците на одредени дејства, поради што доаѓало до значително нарушување на меѓуетничките односи, особено меѓу двете најголеми етнички заедници, македонската и албанската.
Во две и пол децениската независност на Македонија постојат бројни примери за тоа, од кои, по конфликтот од 2001, можеме да ги наведеме немирите на Скопско кале во февруари 2011 година, кога дојде до физичка пресметка меѓу етничките Македонци и етничките Албанци поради започнување на изградбата на таканаречениот објект „Музеј Црквa”. Освен тоа, низ годините имаше различни протести и немири поради зголемување на меѓуентичките тензии.
Во 2012 година, во мај се протестираше за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро во близина на Скопје, во март 2013 година се организираа собири за поддршка на тогашниот министер за одбрана Талат Џафери, но исто така имаше и бројни меѓуетнички конфликти од помал размер, на разни собири. Сепак, во последно време, како да се навестуваат промени во однос на меѓуетничките односи.
Во прилог на тоа вреди да се спомене и конфликтот на вооружената гурпа и полицијата во Куманово на 9 и 10 мај минатата година, кој не ги подели граѓаните од различните етнички заедници во Куманово, каде што живеат Македонци, Албанци, Срби, но и припадници на помалобројните етнички заедници.
Тогаш граѓаните заедно излегоа пред медиумите и испратија порака на заедништво, изразувајќи верба дека ваквите настани нема да ги поделат и дека Република Македонија е земја на сите нејзини граѓани без оглед на етничката или верската припадност.
- Интеграцијата во НАТО и ЕУ: Заедничка цел за сите
По 25 години од независноста на Македонија, сите релевантни страни во општеството, особено политичарите упатуваат пораки на усогласување со Грција околу важните прашања, како што е прашањето за името, поради кои Грција е најголема пречка за членство на Македонија во евро-атланската интеграција. Овие проблеми со Грција особено се на дневен ред во јавноста во предизборните кампањи.
news_share_descriptionsubscription_contact
