Admir Fazlagic
22 Декември 2018•Ажурирај: 22 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Дозволете ми, од мое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик", се наведува во честитката на Иванов, објавена на официјалната страница на претседалот на Македонија.
„Можноста за образование на мајчин јазик е суштинска демократска вредност која придонесува за развој на културниот плурализам во една земја. Правото да се говори и твори на сопствениот мајчин јазик е едно од најзначајните човекови права, преку кои се создава, чува и промовира сопствениот и идентитетот на етничката заедница", се вели во честитката на Иванов.
Меѓу другото, претседателот Иванов вели дека „во Република Македонија внимателно се негува долгата традиција на соживот и на заедништво, и ние можеме со право да се гордееме со достигнувањата и постигнувањата на сите етнички заедници кои се дел од нашето мултиетничко општество."
„Припадниците на турската заедница во Република Македонија активно придонесуваат за развојот и за напредокот на нашата држава. Изразувајќи благодарност за вашите досегашни заложби, Ве повикувам и во иднина, заедно, сплотени и единствени да продолжиме во градењето подобра и просперитетна Република Македонија", порачува Иванов.