СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, која престојува во посета на Македонија, по средбата со македонскиот колега Ѓорге Иванов, рече дека Хрватска ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува целосната интеграција на Македонија во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО, јавува Anadolu Agency (АА).
Претседателката Грабар Китаровиќ беше примена со високи државни почести од претседателот Иванов во претседателската вила „Вила Водно“. На заедничката прес-конференција, хрватската претседателка ја поздрави препораката на Европската комисија за Македонија, изразувајќи уверување дека преговорите за европската интеграција на оваа земја ќе бидат интензивирани потоа.
„Ја поздравувам исто така и новата посветеност на самата Европска Комисија и она што ние под наводници го нарекуваме 'Брисел,' на подрачјето на југостокот на Европа, па така и на Македонија. Силната ангажираност и посветеност дека процесот на проширување на ЕУ мора да продолжи и дека со застојот на проширување се создава опасен вакум кој го исполнуваат третите страни на кои не им е во интерес напредок на нашите соседни држави на патот кон членство на ЕУ и на НАТО, на оние кои за тоа се одлучиле”, изјави Грабар Китаровиќ.
Запрашана во врска со спорот околу името меѓу Македонија и Грција, хрватската претседателка рече дека нејзината земја нема да учествува директно во преговорите меѓу двете земји, но додаде дека го поддржува решението со кое ќе се деблокира процесот.
„Мислам дека секој од нас треба да ја покаже таа зрелост и спремност на дијалог во духот на меѓусебно почитување, уважување и меѓународното право, како и обид тие прашања да се решат сами. Помошта секогаш е добродојдена од страните, но јас верувам дека таа помош треба да биде во смисла на пружање на простор за договор а решенија не треба да бидат наметнувани однадвор”, рече таа.
Грабар Китаровиќ зборуваше и за билатералната соработка меѓу двете земји, за која рече дека е на одлично ниво, и додаде дека македонската заедница е призната во Хрватска, од која има и пратеник во Парламентот.
Таа изрази надеж за институционализирање и студирање на хрватскиот јазик во Македонија, кое ќе им овозможи на членовите на хрватската заедница во оваа земја да развијат национален и културен идентитет.
- Иванов: „Билатералните односи меѓу двете земји, пријателски и без отворени прашања“ -
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, истакна дека на состанокот со својата колешка заклучиле дека билатералните односи меѓу двете земји се пријателски и без отворени прашања.
Македонскиот претседател, исто така рече дека на состанокот се дискутирало за неколку прашања, особено за процесот на евроинтеграцијата на Македонија, за што изразил уверување дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во овие процеси и ќе биде гласот за нејзина интеграција во меѓународните институции.
Иванов ја поздрави препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, како и конструктивниот став на Хрватска дека билатералните односи во балканскиот регион не треба да бидат пречка за евроатлантскиот пат.
„Во нашиот регион постои позитивно искуство за паралелно движење на преговарање и наоѓање на заедничко решение за отворено прашање, тоа е примерот помеѓу Република Хрватска и Република Словенија кој може да се примени во случајот со Република Македонија”, рече Иванов, осврнувајќи се на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Зборувајќи за соработката меѓу двете држави, тој рече: „Сметам дека постои неискористен потенцијал, особено во нашата економска соработка. Очекуваме трговската размена оваа година да биде многу поголема од минатата година и барем Хрватска да биде петтиот наш трговски партнер ”.
Според него, силен доказ за поддршката на Хрватска и Словенија за балканскиот регион е и Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин оваа година е Македонија. Тој истакна дека овој состанок на лидери останува автентична иницијатива која го поттикнува политичкиот дијалог меѓу земјите од регионот и преку која се слуша гласот на регионот во ЕУ.
Во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција, Иванов, земајќи ги како пример односите меѓу Хрватска и Словенија, истакна дека отворените прашања можат да се решат паралелно со одржување преговори за решавање и членство во ЕУ.
Во рамките на посетата, хрватската претседателка се сретна и со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери.
Исто така, Грабар-Китаровиќ утре ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите-учеснички од Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин годинава е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Земји-учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Република Македонија, Република Хрватска, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Словенија, Република Србија и Црна Гора, претставени на ниво на претседатели на држави.
Според најавеното, еден од почесните гости на состанокот во Скопје ќе биде и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.