Abdula Berisha
01 Март 2023•Ажурирај: 02 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, изрази оптимизам за европската иднина на Западен Балкан, охрабрувајќи ги политичките лидери во регионот да преземат сериозни одлуки, јавува Анадолу.
Во изјава за медиумите за време на вториот Економски форум во Скопје, тој истакна дека дијалогот меѓу Косово и Србија е најважното прашање во регионот, при што ги охрабри лидерите на двете земји да постигнат договор.
„Ги охрабрувам лидерите, пред сè премиерот на Косово [Албин] Курти и претседателот на Србија [Александар Вучиќ] да најдат заедничко решение за нивниот проблем. Ги охрабрувам. Ова е најважното прашање за сите нас во регионот. Исто така, ги охрабрувам сите останати во регионот да ја остават зад себе политиката од минатото и да градат иднина на доверба, меѓусебно почитување, додека фокусот наместо да биде на расправии и национализам, да биде на економијата и напредокот“, изјави Абазовиќ.
Тој рече дека Црна Гора ги поддржува сите регионални иницијативи кои имаат за цел подобрување на животот на граѓаните и трговски олеснувања.
Говорејќи за ефектите од руската агресија врз Украина, Абазовиќ рече дека на почетокот биле многу загрижени со оглед на руските инвестиции во Црна Гора.
Сепак, тој нагласи дека во економска смисла, минатата година била историска за Црна Гора, нагласувајќи дека неговата земја регистрирала странски инвестиции над 1 милијарда евра, додека бруто домашниот производ за првпат надминал 5 милијарди евра.
Абазовиќ рече дека Црна Гора е меѓу ретките земји кои немаат поскапување на струјата и покрај глобалната криза во енергетскиот сектор.
Вториот Економски форум во Скопје е во организација на Економскиот форум од Делфи и Грчката бизнис асоцијација, на кој учествуваат високи претставници од политиката, економијата, бизнисот и технологијата од земјата и регионот.
За време на форумот се одржуваат низа панели на кои се разгледуваат различни теми, како руската агресија врз Украина, членството на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата како и стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.