Abdula Berisha
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Висока воена делегација на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, предводена од началникот на Здружениот штаб, генерал-потполковник Сенад Машовиќ, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (AA).
По приемот со високи воени почести, генералот Машовиќ оствари средби со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, по што следуваа официјални разговори со военото раководство во Генералштабот.
Како што информираат од Министерството за одбрана, заменик-министерот Максути, за време на средбата ја истакна одличната билатерална соработка во областа на одбраната, особено во областа на образованието, манифестирана низ школување на питомци од Босна и Херцеговина на Воената академија во Република Северна Македонија. Воедно, заменик-министерот Максути ја истакнал подготвеноста на Република Северна Македонија за поддршка во евроатлантските интеграции на БиХ.
„Генералот Ѓурчиновски, за време на официјалниот состанок, во своето излагање истакна дека посетата претставува одлична можност за понатамошно продлабочување на традиционално добрата билатерална соработка во одбраната, при што ја искажа подготвеноста за споделување со босанските Вооружени сили на стекнатите искуства во процесот на интегрирање на нашето полноправно членство во НАТО Алијансата како многу значајно не само за нас, туку и за регионот во целина“, стои во соопштението.
Генералот Машовиќ, честитајќи го, како што истакна, историското достигнување на Северна Македонија со полноправното членство во НАТО, изрази очекување за понатамошна поддршка во процесот на интегрирање во Алијансата, што исто така е стратегиска определба на Босна и Херцеговина.
На состанокот пред делегацијата меѓу другото беше презентирано и ангажирањето на Армијата во поддршка на Министерството за внатрешни работи во справувањето со мигрантската криза.
За време на посетата генералот Машовиќ оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а делегацијата ќе обиколи и дел од армиските единици во касарната „Илинден“ во Скопје.
Во текот на утрешниот ден, делегацијата ќе се запознае со можностите на Центарот за обука на пилоти, а ќе ја посети и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, каде што во моментот во образовниот процес се вклучени 13 питомци од Босна и Херцеговина.