Agim Sulaj
14 Септември 2022•Ажурирај: 15 Септември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово го одобри Нацрт-законот за кибербезбедност со кој се основа Агенцијата за кибербезбедност, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот на владиниот Кабинет, премиерот на Косово, Албин Курти, истакна дека овој закон има за цел да ги утврди принципите за кибербезбедноста на институциите кои развиваат и спроведуваат политика за кибербезбедност, одговорностите на властите во областа на кибербезбедноста, меѓуинституционалната соработка и мерките за спречување на кибернападите во Република Косово.
Курти рече дека преку овој нацрт-закон се основа Агенцијата за кибербезбедност која ќе биде клучна институција одговорна за утврдување и спроведување на мерките за кибербезбедност во Косово.
„Оваа агенција ќе придонесе за зголемување на националните капацитети во областа на кибербезбедноста. Агенцијата ќе биде задолжена да ги следи, увидува и координира активностите на институциите надлежни за кибербезбедност во нашата земја, како и да презема мерки во случај на неспроведување на обврските предвидени со овој закон“, нагласи Курти.
„Важна обврска на агенцијата ќе биде реагирање врз заканите и инцидентите во киберпросторот на Република Косово“, додаде тој.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, истакна дека во последните денови неговата земја се соочила со кибернапад кој одвреме-навреме предизвикувал пречки во интернет-услугата во институциите.
„Во оваа насока, со овој закон ќе се формира законската база за спречување и водење борба против киберкриминалот. Постои цел да се создадат законски услови преку кои ќе се заштитуваат информациските системи, корисниците на системите и лицата кои може да бидат погодени од кибер-инцидентите, со цел да се нуди безбедност во кибер-областа во Косово“, рече Свечла.
Владата на Косово вчера соопшти дека во текот на минатата недела, во одредени временски периоди, владините системи се соочиле со кибернапад од типот „DDoS“, кој предизвикал пречки во интернет-услугата во владините институции.
„За време на нападот, тимот за кибербезбедност на Агенцијата за информатичко општество беше максимално ангажиран за тоа ефектот на нападот врз пристапноста и функционалноста на услугите да биде што е можно помал. Во соработка со странски експерти, преку спроведување на соодветните мерки, кибернападот е надминат и се спречени обидите за продолжување на нападот“, соопшти косовската Влада.
Се истакнува дека во текот на овој кибернапад, во ниту еден момент не биле загрозени податоците кои се чуваат во Државниот центар за податоци во рамки на институциите на Косово.
Со кибернападите за време на вчерашниот ден во Косово се соочи и Телекомот на Косово, но се вели дека се повторно вратени засегнатите интернет-услуги на мобилната и фиксната мрежа.