Alma Dekovic
03 Јуни 2024•Ажурирај: 03 Јуни 2024
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на владејачката Српска напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека листата „Александар Вучиќ - Србија утре“, освен во Бачка Топола, Сента, Канижа и Тутин, победила и во сите други градови и општини во Србија на локалните избори што се одржаа вчера во Србија, јавува Анадолу.
Тој рече дека во просек излезноста била меѓу 43 и 44 отсто во најголем број општини и градови во кои се одржаа изборите.
Кога станува збор за главниот град на Србија, според процената на IPSOS-CESID врз основа на 51,1 отсто од обработениот примерок, листата „Александар Вучиќ - Белград утре“ освоила 53 отсто од гласовите.
На второ место е листата „Д-р Саво Манојловиќ - И јас сум Белград - Тргни-Промени“ со 17, а на трето е „Го избираме Белград - Добрица Веселиновиќ - Милош Павловиќ“ со 12,6 отсто.
На четврто место е листата „Ние сме силата на народот, проф. д-р Бранимир Несторовиќ“ со освоени 8,2 отсто од гласовите.
Со затворањето на гласачките места во 20 часот завршија локалните избори во Србија на кои граѓаните ги избраа советниците во Собранието на Град Белград и локалните власти во уште 14 града, 51 општина и 23 градски општини.
На изборите за Собрание на Град Белград учествуваа 14 листи, колку за Собранието на Нови Сад, а во Ниш имаше 11 листи.
Избори се одржаа во уште 12 града: Суботица, Зрењанин, Кикинда, Вршац, Панчево, Сомбор, Сремска Митровица, Ваљево, Пожаревац, Јагодина, Ужице и Чачак.
Изборниот ден беше одбележан со многубројни тврдења на опозицијата дека процесот се одвивал во сенка на изборните манипулации.
Најмногу обвинувања за изборни нерегуларности опозицијата пријави во Белград и Нови Сад. Обвинувањата се однесуваат на водење паралелни избирачки списоци, организирање „кол-центри“ во јавните институции и купување гласови.
Од набљудувачката мисија CRTA изјавија дека организацијата поднела осум кривични пријави до полицијата за изборна корупција и тоа поради сомневање за купување гласови во Нов Белград, Звездара, Палилула, Раковица и Обреновац.
Претседателот на Градската изборна комисија на Белград, Зоран Лукиќ, синоќа изјави дека во текот на гласањето немало проблеми, конфликти или турбуленции.
Изборната комисија во рок од 96 часа од затворањето на избирачките места треба да го објави вкупниот извештај за изборните резултати.
Избори не беа организирани во 64 града и општини каде што се одржаа во декември минатата година.