Zylfije Adem Jakupi
06 Јули 2020•Ажурирај: 07 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - По големиот раст на бројот на заразени и на починати во последните две недели, Владата на Косово, на синоќа одржаната електронска седница, усвои нови мерки за борба против пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Со новите мерки од денес во градовите со голем број заразени (Приштина, Призрен, Урошевац и Вучитрн) се воведува забрана за движење на граѓаните од 21 до 5 часот наутро, соопшти Владата на Косово.
На сите субјекти кои нудат гастрономски услуги (ресторани, кафулиња, ноќни клубови и сл.) им е забрането да работат од 21 до 5 часот наутро на целата територија на Република Косово. Надвор од овој распоред, тие можат да работат само на отворено, со почитување на растојанието од 1,5 метри помеѓу масите, како и со услугата „понеси со себе“.
Сите субјекти што обезбедуваат јавен превоз (автобуси, комбиња, такси) мора да работат со половина од својот капацитет во однос на бројот на патници што ги превезуваат за да обезбедат простор потребен за секој патник.
На предлог на Министерството за здравство усвоени се мерки за зголемување на капацитетот на здравствените установи со соодветни легла и медицинска опрема за третман на случаите заразени со Ковид-19, вклучително и создавање на дополнителни капацитети со кревети и простор во регионалните и приватните болници.
Се наложува реорганизација на здравствениот персонал, кој се става во служба на случаите со Ковид-19, мобилизација на здравствениот персонал на национално ниво, вклучително по потреба и на здравствените работници кои во моментот не се ангажирани, како и зголемување на капацитетите на микробиологија, инфектологија и други услуги директно поврзани со случаите на Ковид-19.
Министерството за здравство и надлежните здравствени установи се должни да го издвојат потребниот буџет за набавка на 100.000 виролошки тестови, на 500.000 вакцини против сезонски грип, да ги направат потребните набавки за евентуална вакцинација против Ковид-19 во согласност со протоколите на Европската комисија и СЗО, како и на 7 уреди за тестирање, специфични терапии за лекување на пациентите со Ковид-19 во согласност со протоколите на Европската комисија и СЗО.
Исто така наложено е да се подели буџетот за ангажирање на дополнителен медицински персонал по потреба, за заштитна опрема за медицинскиот персонал по потреба и за доплата за дополнителен ангажман на медицински персонал.
Владата донесе и одлука со која јавните и приватните институции на Косово се должни да го намалат бројот од вработените на ниво на потребниот персонал, се советуваат јавните и приватните здравствени установи да го намалат пружањето на небитни здравствени услуги, а од сите општини се бара целосно повторно активирање на нивните локални штабови.
Во Косово, инаку, сите претходни мерки беа воведени кон средината на март, а целосно беа укинати во првата половина на јуни.
Во последните 24 часа во Косово починаа девет лица, а се евидентирани 152 нови случаи на коронавирусот, соопшти синоќа Националниот институт за јавно здравје на Косово. Ова е најголем број на смртни случаи од Ковид-19 за еден ден, така што бројот на починати од почетокот на епидемијата се зголеми на 75. Според последните информации, во Косово има 1.531 активен случај.