НОВИ ПАЗАР
Во Нови Пазар и во Тутин (Србија) во последните неколку седмици е зголемен бројот на заболени и починати од коронавирусот (Ковид-19). Надлежните соопштуваат дека епидемиолошката ситуација е нестабилна, но дека е под контрола, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Општата болница во Нови Пазар и вчера беше зголемен бројот на граѓани коишто побараа медицинска помош. Откако во Нови Пазар во четвртокот е воведена вонредна состојба, Кризниот штаб на Општина Тутин на седницата во петокот поради пандемијата на коронавирусот донесе одлука за воведување вонредна ситуација на територијата на таа општина.
Претседателката на Бошњачкиот национален совет (БНВ), Јасмина Цуриќ, изјави дека во последните 15 дена во Санџак, особено во Нови Пазар, расте бројот, како што наведе, на критични случаи.
Изразувајќи загриженост поради настанатата ситуација, потсети дека по тој повод упатила повик за помош до Република Турција и до претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Се надевам дека Турција, како и многу пати досега, ќе го задоволи ова наше барање. Имаме информација дека голем број заболени се медицински работници, преку 60, од нив половина се лекари. Проблемот е во тоа што лекарите мора да работат во две или повеќе смени. Загрижени сме дали тие лекари херои и медицинските сестри, нашите хероини, можат да издржат, поради тоа упативме повик за помош“, рече Цуриќ, објаснувајќи дека повикот е упатен поради испомош на медицинскиот персонал.
Со зборови на благодарност упатени до турскиот претседател Ердоган, рече дека веќе имаат позитивни индиции дека писмото за помош во Турција е сфатено сериозно.
„Имаме позитивен одговор, индиции дека тие веќе се организираат. Наша е иницијативата, а на институциите на едната и другата земја е да ја реализираат таа иницијатива. Се надеваме дека ќе биде од корист за нашиот народ, медицинските работници и пациенти. Длабоко верувам дека Република Турција, како и многу пати досега, ќе покаже дека постои повеќевековна соработка помеѓу Бошњаците од Санџак и граѓаните на Турција“, истакна Цуриќ во разговор за Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните на Нови Пазар се загрижени, забележливи се метежите пред државните и приватните здравствени центри. На улиците има помалку граѓани и возила. Се очекува дека ситуацијата наскоро ќе се смири.
„Очекувам дека ова бргу ќе се смири. Граѓаните треба да се придржуваат на мерките, да се штитиме од коронавирусот“, рече Индира Хоџиќ.
„Сѐ што ќе кажат лекарите мораме да се придржуваме. Еве маски. Јас сум стар дедо, морам да почитувам. Што и да кажат лекарите и Владата да се почитува“, порачува Нијазија Шунтиќ, граѓанин на Нови Пазар.
Стоматологот во пензија Мухарем Спица очекува дека ситуацијата ќе се подобри со потоплите временски услови.
„Колку ќе бидат потопли деновите, вирусот ќе слабее и ќе добиеме колективен имунитет. Во ова зло ќе има и нешто добро, сигурно. Се умира, вчера имаше 12, денеска 7 погреби. Младите бргу оздравуваат, а овие повозрасните се во голема опасност“, рече Спица.
Во Општата болница во Нови Пазар и вчера беше зголемен бројот на граѓани коишто побараа медицинска помош. Директорот на Општата болница во Нови Пазар за локалните медиуми изјави дека се заразени 20 лекари и 40 медицински сестри, како и дека пациентите со послаба клиничка слика ги испраќаат на домашно лекување, додека потешките случаи се упатуваат за Белград.
Според официјалните податоци објавени на сајтот на Заводот за јавно здравје (ЗЗЈЗ) во Нови Пазар, на ден 24 јуни 2020 година бројот на тестирани за Ковид-19 во ЗЗЈЗ во Нови Пазар бил 4.184 лица, а инфицирани се 444. Во самиот град Нови Пазар во изминатото деноноќие регистрирани се 30 случаи на Ковид-19, а досега во градот се дијагностицирани вкупно 339 случаи со овој вирус.
„Во Тутин од почетокот на пандемијата регистрирани се 90 случаи на Ковид-19“, потврди вчера по седницата на Кризниот штаб претседателот на оваа општина, Кенан Хот
„Кризниот штаб на денешната седница изрази загриженост поради настанатата ситуација со пандемијата и побара итна помош од Заводот за јавно здравје и од Министерството за здравство на Србија. Капацитетите на нашиот дом за здравје се пополнети, со оглед на зголемениот број заразени потребно е ангажирање на поголем број лекари и медицински работници“, рече во телефонски разговор за АА претседателот на Општина Тутин, Кенан Хот.
Градскиот кризен штаб на Градот Нови Пазар поради зголемениот број на заразени со Ковид-19 во четвртокот донесе одлука за воведување вонредна состојба.
„Од последиците на болестите предизвикани од коронавирусот досега починаа 14 граѓани на Нови Пазар“, соопштено е во обраќањето до новинарите.
Директорот на Заводот за јавно здравје (ЗЗЈЗ) во Нови Пазар, д-р Шефадил Спахиќ, по седницата на Кризниот штаб на Градот Нови Пазар оцени дека во последните два дена бројот на инфицирани и на оние на кои им е неопходно болничко лекување бележи благ пад, но дека, поради бројните контакти, се очекува уште еден бран пред ситуацијата да почне да се смирува.
„Меѓу починатите има и млади, но карактеристично е дека сите имале и други заболувања. Најмногу од нив се дијабетичари, потоа со хипертензија и нарушен метаболизам. Ниту едно лице не било потполно здраво“, додаде Спахиќ, објавија локалните медиуми.
Градските и општинските штабови за вонредни ситуации упатија препорака до верските заедници да ги преземат сите неопходни мерки, со цел заштита на верниците, како и на лицата вработени во системите на верските заедници.
Според препораката на штабовите, градските и општинските управи, со цел безбедност на граѓаните и своите вработени, ќе ја приспособат работата на актуелната ситуација, со зајакнати мерки на заштита.