Bojana Stojanovic
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изрази загриженост по повод најавите за формирање на Војската на Косово на 28 ноември и одземање на српската надлежност на Електромрежата, прашувајќи во што е тогаш смислата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако присуствуваше на седницата на Владата на Србија со претставниците на Србите од Косово и Метохија во Белград, Вучиќ на прес-конференцијата изјави дека како претседател на Србија е многу загрижен, бидејќи добил известување дека Албанците се обидуваат насила, по противправен пат, да ја одземат нивната електропреносна мрежа.
Тој изјави дека на 28 ноември, на Денот на албанското знаме, ќе биде формирана Војската на Косово, укажувајќи дека тоа е во спротивност на сите меѓународни договори.

„Тука се поставува прашањето во што е смислата на дијалогот. Потребно е единство на народот и ќе ни биде потребна неговата сила повеќе од кога било, бидејќи ние во согласност со малите можности ќе се спротивставиме на мерките“, изјави тој.
Според неговите зборови, тој многу е исплашен поради сето она што може да се случи на земјата и народот.
„Ние ќе го зачуваме мирот и стабилноста на секаков начин, но на никого нема да му дозволиме да претерува, да се заканува или да го убива српското население“, изјави тој.

Тој ја повтори и својата молба по прашањето формирање на Војската на Косово.
„Уште еднаш ги повикувам Србите од Косово и Метохија да не учествуваат во формирање на Војската на Косово, бидејќи таа војска се формира за ништо друго, туку тие исти Срби, еден ден да бидат искористени да почнат да пукаат кон други Срби“, изјави тој.
Зборувајќи за денешната седница на Владата, претседателот на Србија најави дека во наредните 18 месеци ќе бидат вложени 50 милиони евра додатни инвестиции за Србите на Косово и Метохија, како и за поттикнување на почетокот на работата на одредени фабрички постројувања и во северниот дел на Косово, болниците во Грачаница, Клиничкиот центар во Косовска Митровица, и за инвестиции јужно од Ибар, како и за создавање на туристички центри од одредени места како што е Бањска.