Zylfıje Jakupı
26 Декември 2019•Ажурирај: 28 Декември 2019
ПРИШТИНА - Пратеникот на движењето Самоопределување, Глаук Коњуфца, избран е за нов претседател на Собранието на Косово на првото, консултативно заседание на седмиот состав на Собранието, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иако пред една недела не беше постигнат коалициски договор меѓу Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, Самоопределување го искористи своето право како најголем политички субјект во Собранието да предложи свој кандидат за претседател на Собранието.
Пратеникот и лидер на Самоопределување, Албин Курти, го предложи Глаук Коњуфца, и за него гласаа 75 пратеници, додека 27 беа против, а 6 пратеници беа воздржани.
Коњуфца им се заблагодари на пратениците што го конституирале новиот состав на Собранието и што му укажале доверба.
Потоа се избрани потпретседател на Собранието, односно членови на Претседателството на Собранието од трите најголеми политички субјекти. Со 104 гласа „за“, еден „против“ и три воздржани, за потпретседатели на Собранието се избрани Арбрие Нагавци од Самоопределување, Кујтим Шала од Демократскиот сојуз на Косово и Мемли Красниќи од Демократската партија на Косово. Од Српската листа за член на Претседателството на Косово е избран Славко Симиќ, додека од редовите на останатите малцинства е избрана Фитим Дамка од Турската демократска партија на Косово. За нив во пакет гласаа 92 пратеници, двајца гласаа против, а двајца пратеници беа воздржани.
Претходно заклетва положија 111 пратеници, колку што беа присутни на седницата од 120 пратеници колку што брои косовскиот Парламент.
Со седницата претседаваше најстариот пратеник во овој состав, пратеникот Јахја Кокај од Самоопределување, а му асистираше најмладата пратеничка Фјола Ујкани, исто така од Самоопределување.