ПРИШТИНА (АА) – Состојбата на напнатост и проблеми меѓу Србија и Косово, со повремени прекини, трае од почетокот на војната 1998-1999 година досега.
Последната криза што настана по ситуацијата со возот, уште еднаш една наспроти друга ги донесе двете страни, кои со своите остри изјави уште повеќе ги затегнаа и онака чувствителните односи меѓу двете земји.
Српските војници, полиција и паравоени единици, во 1998 година поведоа акции против Косовската ослободителна армија, која бараше независно Косово. Овие активности прекинаа по бомбардирањето на поранешна Југославија од страна на НАТО во 1999 година. Во оваа војна животот го загубија повеќе од 10.000 Албанци, а околу 800.000 Албанци беа принудени да ги напуштат своите домови.
Советот за безбедност на Обединетите нации со резолуцијата 1244 донесе одлука за Привремена мисија на Обединетите нации во Косово (УНМИК), а под покровителство на ОН во Косово беше формирана безбедносна зона за цивили.
По војната, првата голема криза се случи во 2004 година. Настанот именуван како „Мартовски немири”, започна откако на северот од Косово, во селото Чабер, близу градчето Зубин Поток, во реката Ибар беа пронајдени мртви две момчиња.
Очевидци тврдеа дека двете момчиња биле следени од страна на локалните Срби, по што започнаа протести на целата територија на Косово. Албанците ги палеа српските куќи и цркви, а на ист начин Србите ги нападнаа Албанците,
Во овие настани животот го загубија 19 лица, 11 Албанци и 8 Срби, а повеќе стотици лица беа повредени. По нанесените штети врз куќите, илјадници Срби и Роми го напуштија Косово.
По немирите, тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, за специјален претставник на ОН во Косово го назначи Норвежанецот Каи Еиде и од него побара сеопфатен извештај.
Еиде во 2005 година го подготви извештајот, во кој побара започнување на преговори за решавање на статусот на Косово. Кон крајот на 2005 година, започна периодот за решавање на статусот на Косово, кое беше управувано од страна на ОН.
Истата година, генералниот секретар Анан за специјален претставник на ОН во Косово го назначи Марти Ахтисари.
Откако по средбите со српската страна во врска со статусот на Косово не беше постигнат никаков резултат, Ахтисари во својот извештај од 2007, кој му го предаде на Советот за безбедност на ОН, напишал дека е потребно Косово да биде независно.
Србија го одби планот на Ахтисари и предложи Косово да добие „надгледувана автономија”.
- Прогласување независност -
Врз основа на планот на Ахтисари и резолуцијата 1244 на ОН, Парламентот на Косово на 17 февруари 2008 година прогласи еднострана независност.
Србија не ја призна независноста на Косово и организираше протести во Србија и во Косово во местата каде што живее претежно српско население.
Во Белград беа запалени знамињата на земјите-членки на ЕУ, а беа изведени и напади врз некои амбасади.
И на северот од Косово, во градот Митровица, во кој има голема популација на српско население, беа организирани големи протести. Беа уништени две гранични точки меѓу Србија и Косово.
Друга значајна напнатост меѓу двете земји се случи во 2011 година. Косовската влада донесе одлука Косовските специјални полициски единици (РОСУ) да ја преземат контролата врз северните гранични точки на градот Митровица.
Во операцијата врз граничните точки коишто до тој период беа контролирани од српската страна, животот го загуби еден косовски полицаец. По одлука на косовската влада, и Србија постави барикади во северните делови на Митровица.
- Започна период на дијалог -
Со цел за нормализација на односите, со посредство на ЕУ, започна периодот на дијалог меѓу двете земји.
На 2 декември 2011 година, Косово и Србија го потпишаа Договорот за интегрирано гранично управување.
Во 2013 година беше потпишан историски договор во насока на нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Овој договор бараше распуштање на паралелната српска структура во Косово од 1999 година дотогаш, а Србите да се интегрираат во косовските државни институции.
По овој договор, за првпат во косовската историја беа спроведени локални избори, во кои учествуваа и општините во кои претежно живее српско население.
Во периодот на дијалог меѓу двете страни, кој започна во 2011 година, Косово и Србија со посредство на ЕУ потпишаа неколку договори, но во 2016 година повторно дојде до влошување на односите меѓу двете земји.
Во септември, шефот на полицијата на Митровица, Нехат Тачи, беше приведен при преминувањето на границата во Србија. Ова приведување на Тачи создаде нова затегнатост во односите меѓу двете земји. Шефот на полицијата на Митровица Тачи, по еден месец притвор беше пуштен на слобода.
Кризата во октомври продолжи по експропријацијата на рудниците на фирмата „Трепча”, која се наоѓа во близина на Митровица. Според законот во врска со Трепча, одобрен од страна на косовскиот Парламент, 80 отсто од акциите на рудниците преминаа во државни раце, додека 20 отсто од акциите станаа сопственост на вработените.
Од српска страна беше соопштено дека оваа одлука е невалидна. Српските пратеници во косовскиот Парламент соопштија дека нема да учествуваат во работата на Парламентот.
- 2017 започна напнато -
2017 година не започна добро за односите меѓу двете земји.
Прво, поранешниот командант на Косовската ослободителна армија и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај беше приведен на аеродром во Франција според меѓународниот налог за апсење што го има издадено Србија.
Владата на Србија смета дека Харадинај за време на војната во Косово врз Србите извршил воени злосторства и бара негово испорачување во Србија, додека косовските власти побараа Харадинај да биде ослободен.
Харадинај по еднонеделен притвор беше изведен пред суд, кој донесе одлука тој да биде ослободен, но под услов да биде под судска контрола. Судот соопшти дека ги очекува потребните документи од Србија.
Приведувањето на Харадинај, кој е еден од симболите на војната во Косово, уште повеќе ги затегна односите меѓу двете земји.
По нападите врз канцелариите на косовската влада во подрачјето на северниот дел од Митровица и последните случувања во кризата со возот на 14 јануари, имаме „војна на изјави” меѓу двете земји.
Србија планираше отворање на железничка линија од Белград до косовскиот град Митровица. Во знак на промоција, на 14 јануари тргна возот, кој за да може да влезе во Косово, требаше да добие дозвола за влез во државата, по што тој беше вратен назад.
На возот обоен во боите на српското знаме, на 21 јазик беше испишано: „Косово е Србија”. Возот беше запрен на 10 километри од границата со Косово, во градот Рашка, каде што откако чекал одреден период, се вратил за Белград.
По кризата со возот, страните не ги штедеа зборовите, а имаше и изјави од типот дека постои можност за војна.
Претседателот на Србија, Томислав Николиќ беше изјавил: „Во војната ќе се приклучам заедно со моите синови”. Министерот за внатрешни работи на Косово, Скендер Хусени изјави дека во односите со Србија постојат две опции: „Или дијалог, или војна”.
news_share_descriptionsubscription_contact


