АНКАРА (АА) - Anadolu Agency (AA) е домаќин на годишната средба на новинските агенции од Југоисточна Европа и Балканот, која се одржува во Истанбул.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Шенол Казанџи, имаше воведно обраќање на 27. годишна средба на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Генерално собрание и конференција на Југоисточна Европа (ABNA-SE), која има наслов „Мирот и стабилноста во регионот на Балканот: Како новинските агенции можат да играат позитивна улога?“ Казанџи изјави дека главната тема на овогодишната дводневна конференција е „Дигитални медиуми: Што е следно?“
„Главна цел на оваа конференција е да се разгледаат последните технологии и трендови во дигиталниот свет и да се дискутира за придонесот (на тие трендови) во медиумската индустрија, особено кај новинските агенции“, рече Казанџи.
„Експертите ќе го споделат со нас нивното знаење и нивните очекувања“, додаде тој.
„Асоцијацијата на балкански новински агенции - Генерално собрание и конференција на Југоисточна Европа, основана е со цел да се развие соработка меѓу новинските агенции во регионот и да си помогнат меѓусебно во мирот, пријателството и безбедносните мерки во регионот“, изјави Казанџи.
- AA е мост меѓу Балканот, Турција и светот
Тој рече дека еден од главните проблеми на новинарството во регионот е гледањето на новинарството како на начин за служење на различни групи од интерес.
„Anadolu Agency значајно го промени ова“, истакна Казанџи, и додаде: „Наша цел во вестите е да пренесуваме точни и вистинити вести за нашите претплатници.“
„Со нашите вести од регионот, Anadolu Agency секогаш се стремеше да биде мост меѓу балканските земји, Турција и светот“, истакна Казанџи, додавајќи дека агенцијата во голема мерка придонела за ширење на позитивни вести.
- AA го следи случајот во врска со Кашоги -
Во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги кое се случи минатиот месец во саудискиот Конзулат во Истанбул, Казанџи изјави: „Сакаме да го расветлиме ова прашање во секој аспект, што е можно поскоро.“
„Ќе го следиме случајот со Кашоги“, рече тој, и додаде: „Не можете да ја криете вистината долго време.“ Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“, убиен е на 2 октомври во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул.
- AA ќе го преземе претседателството на АBNA-SE -
Основана во 1920 година, Anadolu Agency е добро воспоставена глобална новинска агенција, која работи во повеќето поголеми региони низ целиот свет, вклучувајќи ги Америка, Европа, Средниот Исток, Азија и Азија-Пацифик, и има претплатници во повеќе од 100 земји.
За своите претплатници AA објавува вести на 13 светски јазици, меѓу кои на турски, англиски, арапски, персиски, БХС (босански, српски, хрватски), руски, курдски, француски, албански, македонски јазик, индонезиски и шпански јазик.
За време на собранието, АА ќе го преземе претседателството на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Генерално собрание и конференција на Југоисточна Европа од грчката новинска агенција АНА-МПА (ANA-MPA).
„Асоцијацијата на балкански новински агенции е основана во 1995 година, со цел развивање на полна соработка меѓу новинските агенции од регионот, како и помагање во воспоставувањето мир, пријателство, безбедност и соработка на Балканот“, пишува на официјалната веб-страница.
Меѓу учесниците на Генералното собрание се наоѓаат Македонската информативна агенција - МИА (Скопје), АТА (Тирана), ФЕНА (Сараево), ТАНЈУГ (Белград), АНА-МПА (Атина), Анадолија (Анкара), БТА (Софија), ЦНА (Никозија), ХИНА (Сараево) и СРНА (Бања Лука).
Заменик-шефот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Билал Четин, на конференцијата одржа презентација за операциите на институцијата, особено на Балканот.