Andelija Stojkovic
12 Октомври 2017•Ажурирај: 13 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денес во Белград изјави дека сака да го поттикне дијалогот со Приштина, но ја отфрли можноста што ја предложи премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, тој дијалог да продолжи со поголемо учество на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
„Што се однесува до нас, ние сме за тоа дијалогот да се врати во ОН, но не сме тука за да го кочиме дијалогот, туку да го поттикнеме“, изјави Дачиќ на Белградскиот безбедносен форум.
Тој оцени дека изјавите на косовскиот премиер за поголемо учество на САД се наменети за внатрешната политика на Косово.
Харадинај најави изработка на нова платформа за дијалог со Белград и додаде дека е невозможно да се продолжи дијалогот доколку и Америка не е на преговарачката маса.
Дачиќ пред новинарите изјави дека ЕУ има голем интерес Западен Балкан да стане дел од ЕУ, токму и поради прашањето за безбедноста.
„Подобро е ЕУ да ги контролира процесите во регионот, отколку да не ги контролира. Подобро е да биде дел од решевањето на проблемот, а не да се создаваат проблеми“, изјави Дачиќ.
Тој оцени дека најголем проблем претставуваат нерешените билатерални прашања на поранешните југословенски републики и додаде дека е потребна поголема политичка волја за тие проблеми да бидат решени.
„Тоа се претвора во кошмар на целиот регион. Овие други глобални работи, како што се тероризмот, климатските промени и другите работи, ние тука не можеме многу да влијаеме“, изјави Дачиќ.