Furkan Naci Top
07 Јуни 2019•Ажурирај: 10 Јуни 2019
АТИНА (АА) - Вратите на првата џамија изградена во Атина, главниот град на Грција, за прв пат беа отворени со посетата на грчкиот министер за образование и верски прашања, Костас Гавроглу, јавува Anadolu Agency (AA).
Гавроглу ја посети атинската џамија, чија изградба е завршена, но се уште не е отворена поради бирократски причини. Министерот се состана во џамијата со претставници на муслиманската заедница во градот.
Во изјавата по посетата, Гавроглу рече дека џамијата, која се наоѓа под одговорност на неговото Министерство, била целосно изградена од грчката држава.
„Демократијата го кажа последниот збор и ова се случи. Атина, конечно, има џамија за своите граѓани, имигранти и посетителите муслимани“, рече министерот Гавроглу.
- „Првиот намаз во септември“
Истакнувајќи дека правото на верување е основно право, како што се образованието и здравјето, Гавроглу нагласи: „Фашистите и расистите се обидоа да го намалат хоризонтот на земјата и сакаа да изградат само сопствена иднина, но беа поразени и од Собранието и од народот“.
Истакнувајќи дека муслиманите во градот чекаат на отворањето на џамијата околу 12 години, Гавроглу наведе: „Се надеваме дека првиот намаз во џамијата ќе се клања во септември“.
Тој додаде дека другиот важен проблем за муслиманското население се гробиштата.
„Грчката црква издвои површина од 10 хектари, но судскиот процес се издолжи. Ние сме свесни за ова прашање и треба да се реши. Ова е една самокритика“, рече Гавроглу.
- Некои муслимани клањаа за прв пат во џамијата
Заедно со министерот, џамијата ја посетија и претставници на муслиманската заедница во Атина, грчкиот државјанин Мухамед Заки, по потекло од Мароко, кој се очекува да биде имам на џамијата, како и некои владини претставници.
Гавроглу при посетата на џамијата разговараше со Мухамед Заки и со други муслимански граѓани. Некои муслимани, искористувајќи ја посетата, за прв пат клањаа во џамијата.
Посетата привлече големо внимание и кај грчките и кај меѓународните медиуми.
Грчките специјални тимови презедоа безбедносни мерки за време на посетата. Надвор од џамијата, група од неколку луѓе протестираа држејќи крст во раката.
- Одлуката за изградбата на џамијата беше донесена во 2006 година
Изградбата на џамијата во голема мера заврши пред две години, но поради различни бирократски причини џамијата не е отворена. По одлуката донесена од Парламентот во август 2016 година изградбата беше преземена од страна на четири конзорциуми.
Џамијата, со големина од околу 850 квадратни метри и со капацитет од 350 луѓе нема минаре. Во џамијата, исто така, има игралиште за деца и фонтана. За џамијата беше одобрен буџет од 887.000 евра.
Одлуката за изградба на џамијата за прв пат беше донесена во 2006 година, но поради одолговлекување на бирократските процеси, правните пречки и реакциите на екстремната десница, повеќе од 10 години не можеше да се започне со изградба.
Администрацијата на џамијата ќе биде предадена на 7-член совет, кој се состои од двајца владини претставници, двајца претставници од општината, еден судија и двајца претставници од муслиманските заедници.