Agim Sulaj
31 Мај 2025•Ажурирај: 02 Јуни 2025
ПРИШТИНА (АА) – Помина месец и половина од 15 април, кога се одржа првата конститутивна седница, а косовското Собрание и на денешната седница не успеа да се конституира, јавува Анадолу.
По 24-ти пат по ред, парламентарните групи во косовското Собрание не го поддржаа формирањето на ад-хок Комисијата за тајно гласање за претседател на законодавниот дом, со тоа што не предложија свој член (пратеник) за оваа комисија, чие формирање е предложено од Движењето Самоопределување.
Од 96 присутни пратеници во салата, само 53 гласаа „за“ формирање на оваа комисија, еден беше против, а воздржани немаше.
„Немаме кворум, седницата е прекината, се гледаме во понеделник во 10:30 часот“, рече претседавачот со седницата, Авни Дехари, по гласањето.
Втората по големина партија, Демократската партија на Косово (ПДК), повтори дека Движењето „Самоопределување“ треба да го промени својот кандидат за претседател на косовското Собрание за да го поддржат изборот за претседател на Парламентот. Но, од неговите досегашни изјави за медиумите, вршителот на должноста премиер и лидер на Движењето Самоопределување, Албин Курти, вели дека нема збор за промена на кандидатката Албулена Хаџиу, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на конституирањето на Собранието.
Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето Самоопределување за претседател на Собранието, Албулена Хаџиу, досега има освоено не повеќе од 57 гласови, од кои 48 се од Движењето Самоопределување и 9 од пратениците од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.
На 15 мај, лидерите на четирите албански парламентарни политички партии започнаа консултативни состаноци со претседателката Вјоса Османи со цел што побрзо деблокирање и формирање на новите институции по изборите на 9 февруари 2025 година. Вакви состаноци се најавени од претседателката Османи и за наредните недели.