Kayhan Gül
21 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
БЕЛГРАД (АА) - Заменик-премиерот на Република Турција, Фикри Ишик, изјави дека за време на посетата на Белград имал конструктивни состаноци со српските официјални лица и дека поголемиот дел од разговорите се водени за унапредување на билатералната соработка во секторот за туризам, јавува Anadolu Agency (AA).
„Важно е заедничкото историско наследство да го направиме корисно. Тоа е во интерес на Турција и Србија“, изјави Ишик во разговор со новинарите по завршувањето на официјалниот дел на посетата на Белград, каде што присуствуваше на третото заседание на Мешаната комисија за турско-српска економска соработка.
Потсетувајќи дека минатата година Турција ја посетиле околу 140.000 туристи од Србија, Ишик изјави дека во истиот период Србија ја посетиле 100.000 турски туристи.
Тој додаде дека Турција и Србија имаат големи туристички потенцијали и сакаат да го зголемат бројот на заемни туристички посети.
„Моменталните авионски линии на „Туркиш Ерлајнс“ можат повеќе да ги задоволат потребите бидејќи секоја година бележиме поголем број туристички посети. Затоа баравме пофреквентно поврзување на воздушните линии. Со тоа сакаме да го олесниме патувањето на луѓето во и од Србија во сите делови на светот. Така ќе им овозможиме на народите да се запознаат подобро и да воспостават близок дијалог“, изјави Ишик.
Нагласувајќи дека Србија е клучна земја на Балканот, Ишик изјави дека таа има многу важна улога во зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот.
Тој, исто така, истакна дека билатералните односи на Турција и Србија бележат постојан напредок, а дека тоа е посебно изразено по октомвриската посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија.
Изразувајќи задоволство поради активностите на турскиот институт „Јунус Емре“ во Србија, Ишик изјави дека во Србија владее сè поголем интерес за учење на турскиот јазик. Тој додаде дека тоа е добро за зголемување на турските инвестиции, но дека може да се каже дека е плод на сè подобрата билатерална соработка и фактите дека Турција сè повеќе добива на значење.
Ишик како важни ги оцени и активностите на Турската агенција за меѓународна соработка и координација (TIKA), која работи на реставрација и ревитализација на делата од османлискиот период.
За време на минатогодишната посета на Ердоган се потпишани низа билатерални договори меѓу Турција и Србија и Ишик изјави дека надлежните институции работат на имплементација на сите тие акти.
„Уверен сум дека тука на нозе ќе бидат подигнати многу дела од османлискиот период. На Србија тоа ќе ѝ се врати преку поголемиот број туристи од целиот свет, а ние со причина ќе бидеме горди што сме се погрижиле за делата на нашите предци“, заклучи Ишик.