Zülfiya Yakup
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Со изборот на Кадри Весели за претседател на Собранието на Косово и неговите пет заменици, денеска заврши шестата конститутивна седница на Собранието којашто започна на 3 август, јавува Anadolu Agency (AA).
Весели како кандидат на победничката коалиција ПАН (Демократска партија на Косово - Алијанса за иднината на Косово-Иницијатива за Косово) е избран со 62 гласови, додека 52 пратеници беа против. Тој беше претседател на Собранието и во претходниот состав.
Со 113 гласа за, во пакет се избрани и тројца потпретседатели на косовското Собрание од редовите на албанските партии. Тоа се Џавит Халити од Демократската партија на Косово, Аида Дергути од Движењето Самоопределување и Кујтим Шала од Демократскиот сојуз на Косово. Исто така, во пакет, со 61 гласа за и 48 против, за потпретседатели на Собранието се избрани и претставници на малцинските заедници, Славко Симиќ од Српската листа и Муфера Шилик од Турската демократска партија на Косово, која е кандидат на парламентарната група "6 плус". Оваа парламентарна група ги собира не-српските малцински пратеници и нивното место ротира на една година.
„За мене претставува посебна чест да раководам со највисоката институција на претставниците на народот на Косово. Како и во претходниот состав, ќе се трудам канцеларијата на претседателот на Собранието да биде огледало на волјата на нашите граѓани за национално единство, соработка и разбирање меѓу политичките парламентарни сили“, рече Весели по изборот.
Тој најави дека пред Коалицијата ПАН - Алијанса ново Косово, ќе го предложи Рамуш Харадинај за кандидат за премиер на новата Влада, и најави дека за в сабота ќе се закаже седница на Собранието, на која ќе се бира новата Влада на Косово.
Пратениците од Движењето "Самоопределување", Демократскиот сојуз на Косово и Алтернатива, кои гласаа против изборот на Весели, ја напуштија салата кога Весели го презеде претседавањето со седницата.
Продолжувањето на конститутивната седница на Собранието на Косово, која беше закажана за 11 часот, беше префрлена во 14 часот поради недоаѓањето на пратениците на победничката коалиција ПАН. Коалицијата ПАН во понеделникот склучи договор со Алијансата новото Косово, на Беџет Пацоли, кој претходно ја напушти предизборната коалиција со Демократскиот сојуз на Косово.
Со цел да се обезбеди потребното парламентарно мнозинство од 61 глас за формирање на новата Влада, потребни се и гласовите од 20 припадници на малцинските заедници, меѓу кои и девет пратеници од Српската листа.