Zülfiya Yakup
22 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Над половина од косовските жени или 54 проценти, кои имале партнер велат дека доживеале психолошко, физичко или сексуално насилство од страна на интимниот партнер по својата 15-годишна возраст, се вели во истражувањето спроведено од Мисијата на ОБСЕ во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истражувањето наречено „Анкета за благосостојба и безбедност на жените во Косово“ е објавено пред одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и почетокот на кампањата „16 дена активизам“ на 25 ноември. На собирот присуствуваше и косовскиот претседател, Хашим Тачи.
На собирот е кажано дека само во текот на оваа година во Косово се пријавени 1.700 случаи на семејно насилство.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Косово, Јан Брату, изнесе податок дека во Косово 8 отсто од жените преживеале физичко или сексуално насилство од своите партнери во последните 12 месеци, додека една од три жени преживеала одреден вид насилство од 15-годишна возраст. Тој нагласи дека податоците покажуваат дека насилството врз жените е глобален проблем, и дека е вообичаен во регионот.
„Според податоците на полицијата на Косово, во првите шест месеци од 2019 година имало шест случаи на убиство на жени, од кои четири се случаи на убиство на сопругата од сопругот. Во последната деценија во Косово се убиени 34 жени од страна на сопрузите“, рече амбасадорот Брату.
Тој нагласи дека овој извештај покажува ниски стапки на пријавување и свесност за насилството. Брату рече дека само два проценти од жените во полиција пријавиле најтежок случај на насилство што го доживеале од партнерите, и дека скоро половина, односно 48 проценти, сметаат дека семејното насилство е приватна работа што треба да остане во семејството. Исто така, анкетата покажува дека само една третина од жените се добро информирани за услугите кои се даваат во смисла на заштита на жртвите од семејното насилство.
Косовскиот претседател, Хашим Тачи, истакна дека косовското општество треба да биде поосвестено со цел да се еманципираат и да се охрабрат жените, затоа што тоа значи и еманципација на целото општество.
„Примерокот на испитаници, прашања, интервјуа, откри податоци кои бараат значителна расправа и дискусија во косовското општество. Уште повеќе, анкетата што ја објавувате денес не само што ја утврдува ситуацијата, таа бара причини, ги анализира причините и последиците и дава препораки за подобрување на ситуацијата“, додаде Тачи.
Шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, оцени дека семејното насилство е глобален феномен и дека не е лесно да се бори против него. Според неа, за косовското општество важно е да воспостави база на податоци за случаите на семејно насилство.
Истражувањето, наречено „Анкета за благосостојба и безбедност на жените во Косово“ е направено на примерок од 1.990 жени кои живеат во Косово на возраст меѓу 18 и 74 години, меѓу кои и 1.690 жени кои живеат во албанските средини и 300 жени кои живеат во средини претежно населени со косовски Срби.