Zülfiya Yakup
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Италијанскиот генерал-мајор Лоренцо Д'Адариo, од денес и официјално е нов командант на КФОР. Тој на свечената церемонија во Главниот штаб на КФОР во Приштина, ја презеде должноста од досегашниот командант, неговиот сонародник, генерал-мајор Салваторе Куочи, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата на примопредавање присуствуваа, покрај останатите, командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, косовскиот премиер Рамуш Харадинај и министерот на Косовските безбедносни сили, Рустем Бериша.
Командантот во заминување, Куочи, кажа дека е горд што КФОР не само што е најдолга НАТО-операција, туку е најуспешна приказна за Алијансата и нејзините партнери.
„Без никаков сомнеж и со сигурност може да се каже дека без оглед на подигнувањето на тензиите, општата ситуација во Косово е многу подобра отколку што беше, и дека константно се подобрува. Покрај тоа, успехот на КФОР во создавањето на побезбедна средина беше проследен не само со постепено намалување на силите, туку и со предавање на одговорноста за безбедноста на Косово“, рече Куочи.
По една година во Косово, Куочи истакна дека е особено горд на напредокот постигнат во градењето на односите помеѓу КФОР и Војската на Србија, што, како што кажа, довело до зголемување на бројот на патроли на КФОР кои се спроведуваат со целосна синхронизација со Војската на Србија по должината на граничната линија.
Премиерот Харадинај на свеченоста истакна дека присуството на КФОР и НАТО се од помош за Косово и за регионот, како и за севкупниот развој речиси веќе две децении.
„Ние секогаш ќе стоиме рамо до рамо со КФОР и НАТО. Нашата цел е да се приклучиме кон НАТО, а верувам и дека регионот ќе има корист ако сите земји тргнат по патот кој води кон НАТО“, рече Харадинај.
По завршеното свечено примопредавање на должноста се одржа кратка прес-конференција на новиот командант на КФОР, Д'Адариo и американскиот адмирал Фого.
Д'Адари рече дека новото мото на мисијата на КФОР е „Обединети во посветеноста“, што значи дека КФОР е посветен кон побезбедно опкружување, а особено за развојот и напредокот на младите генерации.
Фого рече дека НАТО е заинтересиран за сигурно и безбедно опкружување за сите, и за економски напредок. Тој одговарајќи на новинарско прашање во врска со ситуацијата во северниот дел на Косово изјави дека граѓаните имаат право мирно да протестираат и дека тој го разбира нивниот гнев, бидејќи лично се погодени од воведените тарифи на стоките од Србија.
Запрашан дали поделбата на Косово може да претставува опасност, Фого наведе дека избраните политички лидери на двете земји водат дијалог кој НАТО го поддржува.
„За вашата земја, за Косово, многу е важен дијалогот меѓу Белград и Приштина, има работи за кои може да се дискутира и за кои се разговара. Ова повеќе е прашање за вашите избрани претставници кои имаат повеќе знаење за тоа“, рече Фого.
Во врска со процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС) во Војска на Косово, адмиралот истакна дека по тоа прашање во овој момент има повеќе различни реакции во Косово и надвор од него, како и дека смета оти трансформацијата треба да биде преку уставни промени, но дека тоа сè уште не е видено. Додаде дека припадниците на КБС и ресорното министерство вршат одлична работа, но дека останува прашањето како ќе се изврши обука, опремување и финансирање на целиот овој процес, што чини скапо.
КФОР по војната во 1999 година во Косово имаше околу 50.000 војници, а моментално се присутни околу 4.000 војници од 28 земји.