Agim Sulaj
12 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
ПРИШТИНА (АА)
- АГИМ СУЛАЈ
Во Република Косово в недела, на 14 февруари, ќе се одржат петтите предвремени парламентарни избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
По конфликтот кој се случи во 1999 година во Косово и откако се практикува политичкиот плурализам, во земјата досега се одржани седум парламентарни избори, од кои три редовни до 2007 година, и четири предвремени од 2010 година досега.
Првите парламентарни избори се одржаа во 2001 година кога беше забележан рекорд на излезност, односно излезноста на овие избори беше 64 отсто.

Изборите на 14 февруари ќе се одржат откако Уставниот суд на Косово во декември минатата година го прогласи како неуставен гласот „за“ на пратеникот од редовите на малцинствата во Собранието на Косово, Етхем Арифи.
Тој беше еден од 61-от пратеник кои гласаа за формирање на Владата на Косово на чело со премиерот Авдула Хоти на 3 јуни во 2020 година, но Уставниот суд донесе одлука дека пратеникот Арифи немал право да биде дел од Парламентот на Косово бидејќи беше осуден на кривично дело со судска одлука, со што Владата остана без потребното мнозинство во Парламентот.
Уставниот суд побара од вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, да прогласи нови предвремени парламентарни избори во рок од 40 дена.
Османи во јануари ги прогласи предвремените парламентарни избори за 14 февруари и го распушти Парламентот.
- Изборна кампања во период на пандемија -
Состојбата со пандемијата на Ковид-19 не ги убеди политичките партии за дополнително внимание во врска со нивните предизборни собири.
На социјалните мрежи беа објавени фотографии во кои се забележува дека партиските лидери во земјата, заедно со своите поддржувачи ги прекршуваат препорачаните правила од страна на здравствените институции и Законот за пандемија. Во повеќе случаи Инспекторатот на Општина Приштина изрече казни за политичките партии кога се наишло на вакви прекршувања.
Изборната кампања започна на 3 февруари, а завршува денеска.
- 28 политички субјекти на избори -
На овие избори учествуваат 28 политички субјекти за да бидат дел од Парламентот на Косово кој брои 120 пратенички места, од кои 10 места се гарантирани за српската заедница, додека 10 места за другите заедници: Турци, Бошњаци, Роми, Ашкалии, Горани и Египќани.
Движењето Самоопределување изборната кампања ја води со мотото „Сите и право“. Лидерот на оваа партија, Албин Курти, кој воедно е кандидат за премиер, нема да биде во листата на пратеници поради одлуката на правните органи за исклучување од листата на пратеници на сите оние кои имале проблеми со законот. Курти рече дека првиот план на неговата влада ќе биде вакцинирање на најмалку 60 отсто од населението, а потоа стабилна економија.
На оваа листа ќе биде и поранешната пратеничка од редовите на Демократската унија на Косово (ЛДК), Вјоса Османи, која според договорот со Самоопределување ќе добие поддршка за да биде избрана за претседателка на државата.
ЛДК изборната кампања ја води со мотото „Државата. Држава“, а како кандидат за премиер на оваа партија е претставен Авдула Хоти.
Партијата на Бехџет Пацоли, Алијанса за Ново Косово (АКР), на изборите учествува на една листа со ЛДК.
Кандидат за премиер на Демократската партија на Косово (ПДК) е Енвер Хоџај.
Алијансата за иднина на Косово (ААК) на овие избори влезе без кандидат за премиер, но лидерот на оваа партија ќе се кандидира за претседател на државата. За првпат на оваа изборна кампања, ААК ја истакна и можноста за одржување референдум за обединување со Албанија, нешто што предизвика реакции кај српската страна.
На овие избори се натпреваруваат и две турски партии, односно Турската демократска партија на Косово (КДТП) на чело со Фикрим Дамка и Турската партија на иновативно движење (ЈТХП) на чело со Ертан Симитчи.
Според податоците на Централната изборна комисија на Косово, на овие избори право на глас имаат 1.794.862 гласачи во земјата, како и 102.100 гласачи во странство.
Бројот на гласачки центри во Косово изнесува 888, со вкупно 2.382 гласачки места.