Furkan Naci Top
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
АТИНА (АА) - Крајбрежјето на Атина, главниот град на Грција, е обоено во црно поради потонувањето на голем транспортен брод од кој истекува нафта, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради потонувањето на голем транспортен брод, во морето истекува гориво од неговите резервоари, поради што јужното крајбрежје на градот е прекриено со нафта.
Привремено се затворени плажите, работилниците и индустриските објекти во крајбрежните населби Алимос и Глифада, кои се погодени од катастрофата.
Надлежните од споменатото крајбрежје и волонтерите започнаа со работа за негово чистење, а пак одговорните од општините поставија табли со предупредување во ова подрачје.
Според грчката новинска агенција AМНА, грчкиот министер за поморство, Панајотис Курумблис, соопшти дека во подрачјето се одвива голема акција за чистење, и истакна: „За период од 20 до 25 дена, целото крајбрежје ќе биде исчистено од нафтата“.
Кон крајот на неделата, од засега непознати причини, на отворено море во близина Пиреј, најголемото атинско пристаниште, потона бродот „Aghia Zoni II“ кој превезувал 2.200 тони дизел гориво и 370 тони керозин.
Од потонатиот брод почна да истекува гориво, кое поради временските услови се прошири во Саронскиот Залив, загадувајќи го подрачјето, првенствено островот Саламина.
Крајбрежјето на островот Саламина е прекриено од нафта, во должина од 2,5 километри.