Zülfiya Yakup
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
ПРИШТИНА (АА) - Со свечена церемонија во Главниот штаб на КФОР во Приштина, со присуство на највисокиот државен врв на Косово, Командата на КФОР одбележа 20 години од влезот на трупите на НАТО во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата беа присутни претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај, голем број министри и заменици-министри, дипломати акредитирани во Косово, како и претставници на граѓанското општество. Командантот на КФОР, Лоренцо Дадарио, изјави дека во 1999 година, кога КФОР ја презел важната мисија, по неколкуте страшни месеци на војна, на Косово владееле страв и очај, многумина биле раселени и имало недостиг на безбедност и основни јавни служби.
Тој нагласи дека тогаш под командата на Сојузничкиот корпус за брзо реагирање, околу 55.000 војници од 39 земји од целиот свет дошле во Косово.
„Денеска со благодарност се сеќаваме на оние кои ги дадоа своите животи за оваа важна мисија. Сакаме да оддадеме почест на овие жени и мажи за нивната служба и жртвување. КФОР обезбеди безбедност и слобода на движење за сите, на тој начин создавајќи услови за покренување на политичкиот и граѓанскиот живот, а во согласност со мандатот даден со Резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН“, изјави командантот на КФОР.
Тој истакна дека Косово доживеа 20 години мир и развој, но дека има уште многу што допрва треба да се направи.
„Помирувањето со минатото бара храброст за компромис што може да дојде само со визија и посветеност кон луѓето и нивната иднина“, рече Дадарио.
Командантот на командата на НАТО во Неапол, која го надгледува КФОР, адмиралот Џејмс Фого, истакна дека во 1999 година, половина век по формирањето на НАТО, со Резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН се основани силите на Косово како меѓународно безбедносно присуство овластено да воспостави безбедно опкружуње за сите луѓе во Косово.
„КФОР е најголемата операција на НАТО во Европа, сили кои и денес остануваат во Косово и го помагааат гарантирањето на безбедно и сигурно опкружување и слободата на движење за сите заедници. Помагаат во чувањето на древните верски објекти кои претставуваат заедничко наследство не само на Балканот, туку и на целиот регион“, изјави Фого.
Тој наведе дека 213 војници на КФОР од целиот свет ги загубиле своите животи во борбени и неборбени активности.
„Ова утро откривме споменик за да се сеќаваме на нашите паднати борци. Тврдиот камен од кој е направен споменикот, е цврст како и нашата истрајна посветеност“, изјави Фого.
Тој истакна дека во текот на две децении присуство на КФОР во Косово, НАТО добил четири нови земји членки од регионот, Словенија, Хрватска, Албанија и Црна Гора, а дека Северна Македонија ќе биде примена оваа година - годината на одбележувањето на 70 години постоење на Алијансата.
„Одбележувањето на оваа годишнина носи различни значења за различни ентитети тука на Балканот. Постојат оние кои чувствуваат дека нивниот идентитет е дефиниран со едната или со другата страна во конфликтот, други учествуваа во војната или беа жртви, а постојат и оние кои во меѓувреме пораснаа и кои немаат директни сеќавања на тие настани“, изјави Фого.
На церемонијата се доделени медали за одредени претставници на КФОР, а присутните можеа да го гледаат и надлетувањето на хеликоптерите на КФОР.