Edıta Zekjırovıc
29 Април 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) – ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -
Во изминатиот период голема доза на внимание привлече скопската Зоолошка градина, каде што по цели дваесет години се случи принова на бели лавови, благодарение на лавицата Бела, која на свет донесе три младенчињa.
Александар Маџовски, зоонегувател во скопската Зоолошка градина, за Агенција Анадолија (АА) раскажуваше за возбудата и предизвикот кои ги доживеале тој и неговите колеги годинава на 7 март, кога ненадејно започнало породувањето на лавицата Бела.
„Првото новороденче беше родено надвор, на 7 март. Времето уште беше ладно, имаше остатоци од снег. Ние со нашата реакција успеавме да ја одвоиме Бела од малото, да го реанимираме, да ја префрлиме во безбедна просторија која ни беше претходно спремна за неа и таа, останатите две лавчиња ги роди во таа просторија. Малото успеавме да го реанимираме“, раскажа Маџовски.

- Будењето на мајчинскиот инстинкт кај лавицата Бела -
Маџовски успеал да ја освои довербата на мајката лавица, па така тој секојдневно се грижи за неа и нејзините младенчиња. Вели дека одлично напредуваат, а бидејќи неодамна почнале да им растат заби, сега покрај мајчиното млеко, се хранат и со месо.
„Супер лавица, таа е супер мајка и многу убаво се грижи за малечките, ни дозволува да се приближуваме, секако, и тие се веќе љубопитни, доаѓаат кон нас, но сепак, има некоја резерва, некој мајчински инстинкт“, истакна Маџовски.
Директорот на скопската Зоолошката градина, Кристијан Стаменов, вели дека мајката Бела и таткото Чака имаат прекрасни примероци од реткиот вид на бели лавови, кои засега живеат во посебни живеалишта поради потребната ветеринарна нега која треба да им се пружи на мајката и малите лавчиња.

- Бејби бум во скопската Зоолошка градина -
Стаменов раскажа дека особено го радува тоа што бројот на животните во Зоолошката градина во изминатиот период е значително зголемен.
„Изминатиот период можевме да посведочиме на вистински бејби бум во Зоолошката градина, започнавме со малите лавчиња, продолживме со многу бебиња од видот на патос, од лемурите, малечките ламии, од мармазетите, вистинска атракција претставува бебето камила, за првпат од видот на двогрбите камили“, вели Стаменов.
Погледите на посетителите ги бараа малите лавчиња, но нив и таткото Чака ќе мораат да ги почекаат до крајот на мај за да ги запознаат, кога ветеринарниот тим ќе одлучи дека се подготвени за дружба со надворешниот свет.