Admir Fazlagic
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази загриженост по повод иницијативата на косовските институции со закон, а не со устав, да се промени мандатот на Безбедносните сили на Косово (БСК) во воени сили, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денеска разговарав со Хашим Тачи и со Иса Мустафа со цел да ја пренесам сериозната загриженост на сојузниците на НАТО во врска со скорешните предлози на косовските власти за трансформирање на Безбедносните сили на Косово, без уставни промени", вели Столтенберг во писменото соопштение објавено на официјалната веб страна на НАТО.
Тој истакнува дека укажал оти „едностраните чекори како овие се бескорисни" и ги повикал косовските власти да одржуваат близок контакт со Белград.
„Во претходните години НАТО го поддржуваше развојот на Косовските сили како професионални, мултиетнички сили. Структурата, мандатот и мисијата на БСК е работа за локалните косовски институции во согласност со нивниот уставен закон", пишува Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО, меѓу другото, истакна дека доколку се продолжи во правец на промената на мандатот на БСК на ваков начин, „НАТО ќе треба да го разгледа нивото на заложбите, посебно во услови на изградба на нивните капацитети", се наведува во соопштението.
Понатаму, Столтенберг потсетува дека ова го укажал и во текот на неговата посета на Косово во февруари и истото го повторил денеска при остварените телефонски разговори.
Претседателството на Собранието на Косово денеска едногласно го прифати нацрт законот за трансформација на БСК во воени сили, кој го иницираше претседателот на Косово Хашим Тачи.