Stipe Majic
19 Април 2020•Ажурирај: 20 Април 2020
ЗАГРЕБ
Цивилната заштита на Република Хрватска денеска извести дека во последните 24 часа се дијагностицирани 39 новозаразени лица, а дека починаа осум лица кои имале значајни хронични заболувања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, на редовната прес-конференција на Националниот штаб за цивилна заштита рече дека во изминатите 24 часа имало 39 новодијагностицирани заразени лица со Ковид-19, со што во Хрватска има вкупно 1.871 пациент.
„Тестирани се вкупно 24.183 примероци, а само во текот на вчерашниот ден тестирани се 2.539 примероци“, изјави министерот и додаде дека станува збор за значително зголемување во однос на претходните денови. Позитивни наоди се 7,74 отсто.
Во моментот во хрватските болници има 23 пациенти на респиратори, а 332 се хоспитализирани вчера, 29 помалку од претходниот ден. Вкупно излекувани од Ковид-19 во Хрватска се 709 лица.
Министерот за внатрешни работи и раководител на Цивилната заштита на Хрватска, Давор Божиновиќ, изјави дека се размислува за постепено олабавување на мерките, со оглед на тоа што Хрватска успева да ја задржи епидемиолошката слика под контрола.