Sevgi Ceren Gökkoyun,Erhan Cihan Ünal
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за трговија, Мехмет Муш, изјави дека земјата остварила раст на извозот во јануари за 17 отсто во однос на истиот период минатата година и дека тој извоз достигнал 17,6 милијарди долари, што е најголем турски извоз во јануари на сите времиња, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Муш се сретна со челникот на Собранието на турски извозници (TIM), Исмаил Ѓуле, и изјави дека Турција го продолжила трендот на раст на извозот што го одржува во текот на минатата година.
„Од друга страна, нашиот јануарски увоз изнесуваше 28 милијарди долари, што е резултат на неочекувано тешките зимски услови и порастот на цените на енергијата минатиот месец“, рече Муш.
Тој објасни дека Турција увезла 9 милијарди енергенти во јануари, а вкупниот преостанат увоз изнесува 19 милијарди.
„Во светло на сиве овие податоци, нашата земја имаше силни извозни перформанси во првиот месец од оваа година во однос на јануари минатата година. Цврсто веруваме дека овие силни перформанси ќе продолжат и во 2022 година и дека ќе поставиме нови рекорди во извозот. Нашата цел е 2022 година да ја достигнеме и надминеме целта за извоз од 250 милијарди долари што ја постави нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турција ќе биде просперитетна земја која ќе постигне многу подобри резултати во соработката во приватниот и јавниот сектор“, рече Муш.