Ekipa
24 Октомври 2020•Ажурирај: 25 Октомври 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во 3:00 часот по полноќ (сабота кон недела) завршува летното сметање на времето и почнува зимското, при што со поместување на стрелките на часовникот за еден час наназад, времето во 3:00 часот ќе се смета како 2:00 часот, пишува Агенција Анадолија (AA).
Европскиот парламент во март минатата година изгласа укинување на сезонското поместување на времето од 2021 година, а земјите членки на Европската Унија треба да одлучат дали ќе воведат трајно зимско или летно сметање на времето.
Промената на времето во Западна Европа е воведена во почетокот на 1970 година, со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден се прави поефикасен.
Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.
Инаку, во Република Северна Македонија зимското и летното сметање на времето со закон е регулирано во 1996 година.