Admir Fazlagic
24 Март 2018•Ажурирај: 24 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред, односно од 2 на 3 часот, од ноќеска по полноќ почнува летното сметање на времето, јавува Anadolu Agency (AA).
Ваквото сметање на времето ќе трае до последната недела во октомври, односно на 28 октомври во три часот наутро, кога стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад.
Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.
Во поранешна СФР Југославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.
Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на северна Европа, додека во западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.