Admir Fazlagic
25 Март 2017•Ажурирај: 26 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред, односно од 2 на 3 часот, од ноќеска по полноќ почнува летното сметање на времето, јавува Anadolu Agency (AA).
Ваквото сметање на времето ќе трае до последната недела во октомври кога во три часот наутро стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад.
Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.
Во поранешна СФР Југославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.
Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на северна Европа, додека во западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.
Во државите кои се во близина на екваторот денот и ноќта траат главно еднакво така што со поместувањето на стрелките на часовникот не се добива ништо. И во поларните предели денот и ноќта траат со месеци, па поместувањето на времето не дава никакви резултати.
Во Соединетите Американски Држави летното сметање на времето не се применува во Аризона и Хаваи, а во Европа не се применува во Исланд.