Ekipa
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Како што се приближува крајот на овогодишниот месец на постот Рамазан, синоќа, одбележувајќи ја Лејлетул кадр, илјадници луѓе во неколку турски градови седнаа заедно на ифтарската софра, во редица маси долги и по неколку километри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Агенција Анадолија со дрон ја сними редицата од маси долга два километри на брегот на Ускудар во Истанбул, на убавиот Босфор, наспроти Момината кула и на брегот на општината Сулејманпаша во областа Текирдаг.
Муслиманите низ светот ја одбележаа Лејлетул кадр, 27. ноќ од месецот Рамазан, ноќ во која започнало објавувањето на Куранот на божјиот пратеник Мухамед. Алах во Куранот вели: „Ноќта Кадр е подобра од илјада месеци.“
Последните десет дена од месецот Рамазан се сметаат за едни од најодбраните денови и ноќи во годината, бидејќи една од тие ноќи е Лејлетул кадр.
Муслиманите вообичаено се молат и го читаат Куранот во текот на оваа ноќ.
Исто така, се вели дека божјиот пратеник Мухамед рекол: „Кој остане буден во ноќта Кадр [и ја мине во молитва и во споменување на Алах], целосно верувајќи [во ветувањето на Алах за награда] и надевајќи се, ќе му бидат простени минатите гревови.“
Муслиманите низ светот постат за време на месецот Рамазан, воздржувајќи се од јадење и пиење од изгрејсонце до зајдисонце.
На крајот од месецот на постот, муслиманите три дена го слават Рамазан бајрам.