Murat Özgür Güvendik
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Истражувањето спроведено во Јужноафриканската Република покажа дека двојната доза од вакцината на Фајзер/Бајонтек пружа 33 отсто заштита од омикрон-варијантата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најголемата компанија за здравствено осигурување „Дискавери“ во Јужноафриканската Република, каде што варијантата Омикрон прв пат беше откриена и моментално е доминантна варијанта, објави резултати од истражувањето што го спроведе на 78.000 случаи на Омикрон регистрирани во земјата во период меѓу 15 ноември и 7 декември.
Истражувањето покажа дека двојната доза на вакцината на Фајзер/Бајонтек, што обезбедува 80 отсто заштита во однос на делта-варијантата на коронавирусот, обезбедува 33 отсто заштита во случајот со варијантата Омикрон.
Кога станува збор за хоспитализации, се покажа дека вакцината на Фајзер е 70 отсто ефикасна. Оваа стапка беше околу 90 отсто за делта-варијантата.
Извршниот директор на „Дискавери“, Рајан Ноуч, изјави дека истражувањето покажало дека варијантата Омикрон покажува многу поблаги симптоми во однос на другите варијанти.
Ноуч , исто така, истакна дека огромното мнозинство од пациентите хоспитализирани поради Омикрон биле „невакцинирани“.
Гленда Греј, претседателка на Јужноафриканскиот совет за медицински истражувања (SAMRC), исто така, рече дека е важно вакцините на Фајзер/Бајонтек да бидат ефективни против хоспитализацијата и покрај помалиот процент на заштита.
„Овие резултати беа исклучително охрабрувачки за нас“, рече Греј.