Burak Dağ
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
АНКАРА
Луѓето со алергии треба да се вакцинираат во болниците наместо во примарните здравствени центри, вели турски лекар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Турското национално здружение за алергија и клиничка имунологија, д-р Булент Секерел, изјави дека алергиските реакции на вакцините се екстремно ретки и дека анафилакса се јавува во околу 1,3 од 1 милион дози вакцини.
„Ризикот од вакцините на Фајзер/Бајонтек и Модерна е 11 на милион, што е 10 пати поголем ризик во споредба со рутинските вакцини“, изјави Секерел и додаде: „Но разликата не се однесува на тоа од што е направена вакцината, туку на резултатите од новата техника во производството на вакцината.“
Секерел појасни дека потенцијалниот висок ризик од вакцините засновани на технологијата „mRNA“ резултира од компонентата на вакцината, PEG (полиетилен гликол).
„Коронавак вакцината, што се користи во нашата земја, е произведена со стара технологија и теоретски не се очекува висок ризик како од вакцината што е заснована на технологијата mRNA“, изјави тој.
„Несаканите реакции како резултат на вакцинацијата ги следи Министерството за здравство“, рече Секерел, додавајќи: „Ниту една група, за која се очекува да добие алергиска реакција на вакцината КоронаВак, не е идентификувана.“
„Во моментов, пред давањето вакцина во Турција, луѓето се прашуваат дали имаат некоја позната алергија на вакцината или нејзините компоненти. Препорачуваме оние што се алергични на која било супстанција или храна, да се вакцинираат во болниците наместо во примарните здравствени центри“, додаде тој.
Секерел рече дека една третина од населението во Турција има алергиски ринитис, астма, проблеми со кожата и алергии на храна, додавајќи: „Нема докази дека овие луѓе се изложени на ризик од вакцините против Ковид-19.“
Тој истакна дека сите тешки алергиски реакции се доживуваат во рок од 30 минути по вакцинирањето, затоа е вообичаена практика да се следат вакцинираните лица најмалку 30 минути по вакцинацијата.
„Од оваа причина, сите здравствени установи каде што се спроведуваат вакцинации се опремени со обучен персонал за препознавање на алергиски реакции и соодветна опрема за третман“, рече тој.
Секерел нагласи: „Ако се знае дека некое лице има алергија на вакцината, се препорачува тоа лице да не се вакцинира. Меѓутоа, ако вакцинацијата е задолжителна, може да се спроведе поинаков пристап наречен постепено дозирање.“