Ekipa
06 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Педесет ирански пратеници се заразиле со коронавирусот во услови на големото ширење на варијантата Омикрон низ целата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пратеникот Алиреза Салими за иранската новинска агенција Клуб на млади новинари (YJC) изјави дека претстојната седница на иранскиот Парламент ќе се одржи во согласност со здравствените протоколи.
Тој, сепак, не даде дополнителни информации за заразените пратеници ниту нивните имиња.
Во март 2020 година, Парламентот што брои 290 пратеници ги прекина седниците на две недели поради порастот на бројот на заразени со Ковид-19 во земјата.
Иран, најтешко погодената земја со коронавирусот на Блискиот Исток, сведочи на пораст на бројот на случаи по период на намалување поради масовните кампањи за вакцинација. Но, во последните денови дневниот просек достигна 30.000 случаи.
Вчера, здравствените власти регистрираа 23.130 новозаразени за едно деноноќие, со што вкупната бројка на национално ниво се искачи на 6.543.837 досега заразени, и на 132.745 смртни случаи.
Според официјалните податоци, 50 милиони Иранци - од 85-милионското население во земјата - примиле две дози од вакцините против коронавирусот, а повеќе од 19 милиони примиле трета доза.