Burak Bir,Fahri Aksüt,Dilara Hamit
11 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција ќе воведе четиридневен делумен полициски час кој ќе започне од полноќ во петок, со цел да се спречи ширењето на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Карантинот е укинат во 300 населени места, додека во 112 места сѐ уште продолжува“, изјави Ердоган во телевизиско обраќање по состанокот на Кабинетот во Истанбул.
Ердоган изјави дека четиридневното делумно ограничено движење ќе стапи во сила на 15 мај на полноќ.
Првиот полициски час беше воведен на 11-12 април, а следуваа низа во изминатите неколку недели.
На лицата постари од 65 години на 17 мај во период од 11.00 часот до 17.00 часот по локално време, ќе им биде дозволено да ги напуштат нивните домови, со почитување на дистанца и носење на маски.
На децата под 14 години на 20 и 22 мај во истиот временски период ќе им биде исто така дозволено да ги напуштат своите домови со почитување на мерките.
„Во меѓувреме, Турција ги укина ограничувањата за патувања поради Ковид-19 за областите Адана, Дијарбакир, Мардин, Трабзон, Орду, Денизли, Кахраманмараш, Шанлиурфа, Текирдаг, како дел од процесот на нормализација“, рече Ердоган.
Ердоган исто така изјави дека во рамките на Кампањата за национална солидарност биле собрани повеќе од 2 милијарди турски лири (282 милиони долари).
Во Турција од вчера се пријавени вкупно 3.786 смртни случаи од последиците на Ковид-19, додека речиси 92.691 лица оздравеле. Во моментот, во земјата има 138.657 потврдени случаи на заразеност со Ковид-19.
Новиот тип коронавирус, што за првпат се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на декември минатата година, се прошири во повеќе од 200 земји и региони во светот.
Како резултат на епидемијата починаа 284.150 лица низ целиот свет, додека оздравеа 1.502.591 лице што беа заразени со вирусот.