Şenhan Bolelli,Şerife Çetin
25 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
МАДРИД (АА) - Шпанија побара медицински материјали од Координативниот центар за реакција при елементарни непогоди (EADRCC), поврзан со НАТО, за употреба во борбата против новиот вид коронавирус Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава од Координативниот центар за реакција при елементарни непогоди (EADRCC) се наведува дека Шпанија има одредени барања во борбата против Ковид-19.
Потребите на Шпанија се:
„150 илјади наметки за еднократна употреба, 150 илјади респиратори од типот FFP3, 1000 инфрацрвени термометри, 5 илјади маски за заштита на лице, 10 илјади безбедносни очила, 1,5 милиони хируршки маски, 500 илјади комплети за брзо тестирање на Ковид-19 и 500 механички вентилатори.“
- „Поддршката може да дојде од земјите членки“ -
Од друга страна, официјален претставник на НАТО, кој не сакаше да биде именуван, во изјавата за АА рече дека Алијансата нема залихи на респиратори и слична медицинска опрема.
Нагласувајќи дека Ковид-19 е глобална здравствена криза, официјалниот претставник истакна дека главната одговорност е на националните влади.
Според него, доколку се побара помош преку Координативниот центар за реакција при елементарни непогоди (EADRCC), „извештаите за состојбата“ се проследуваат до сите сојузници и помошта може да дојде од сојузнички или од земјите партнери.
Официјалниот претставник на НАТО истакна дека доколку се побара, безбедносните сили на Алијансата даваат поддршка за прашања како што се логистиката, планирањето и за граничните премини.
Шпанија, која стана втора земја со најголем број смртни случаи во светот со 3.434 смртни случаи од Ковид-19, има сериозни проблеми особено во однос на здравствената опрема.
Во земјата бројот на лица дијагностицирани со Ковид-19 изнесува 47.610, а од нив 5.400 се медицински персонал.