Fahri Aksüt
27 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
АНКАРА (АА) – Турскиот микроуметник Хасан Кале, познат како „Турскиот Микроангело“, своите вештини ги покажа во Анкара, главниот град на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Хасан Кале, познат по сликите што ги црта на мали предмети како што се ориз, суво овошје и тестенини, ги покажа своите вештини на работилницата организирана како дел од неговата изложба.
Силуетата на Истанбул, која ја сликаше на мала тестенина, беше прикажана преку џиновски екран.
На изложбата, покрај портретот на Ататурк нацртан на оризово зрно, може да се види и брод нацртан на леќа, а и многу други цртежи нацртани на семки од овошје.
- „Сакам да ја презентирам Анадолија преку моите микроуметнички дела“ -
Уметникот Кале, во изјавата за дописникот на АА истакна дека малите предмети кои луѓето ги гледаат како ѓубре или воопшто не ги забележуваат, ги претвора во слика, и на тој начин отвора нов прозорец кај луѓето.
Кале, истакнувајќи дека во неговите дела може да се видат многу траги од Анадолија, рече дека преку своите дела сака да ги промовира особено мистичните структури на Истанбул и Анадолија.
Тој, исто така, најави дека наскоро ќе отвори изложби во Холандија, Велика Британија, САД и Јапонија, додека во наредните години во Турција ќе го отвори првиот и единствен музеј за микроуметност во светот.
Наведувајќи дека веќе четврт век се занимава со микроуметност, Хасан Кале рече дека досега насликал околу 350 предмети.
„На почетокот, кога почнав да сликам, сакав да ги насмеам лицата на луѓето. Сега таа насмевка сакам да ја преточам во нивните очи“, нагласи Хасан Кале.