ЛЕЗБОС (АА) - Спирос Галинос, градоначалник на општината на островот Лезбос, којшто е првата станица на бегалците на патот на надежта кон Европа, ја критикуваше европската политика кон бегалците. Во таа насока, тој изјави: „Издигнувањето ѕидови ќе придонесе само за раст на ксенофобијата, шовинизмот и фашизмот. Денеска, вистинската опасност во Европа е фашизмот“.
Во изјавата за новинарот на АА, Галинос истакна дека по договорот за бегалците меѓу Турција и Европската Унија, на островот се задржале околу 6 илјади бегалци.
Потсетувајќи дека бегалците бегаат од војната и експлоатацијата и дека се во потрага по подобар живот, Галинос вели: „Mногу влади во светот докажаa дека не успеваат да се справат со бегалската криза. Се наоѓаме во критичен период и имаме потреба од лидери. Но лидерите не успеаја да го положат испитот за бегалската криза“.
Галинос истакна дека Европа гради ѕидови за да не прифати ни најмал број бегалци. „Со изградбата на ѕидовите се стимулира само растот на ксенофобијата, шовинизмот и фашизмот. Денеска, вистинската опасност во Европа е фашизмот“.
Галинос рече дека ставот на Лезбос и на Грција кон бегалците претставува пример и нагласи дека поради долгото задржување на бегалците во островот се сочуваат со финансиски проблеми.
„Поради задржувањето на бегалците и мигрантите на островот има една атмосфера на страв и вознемиреност меѓу граѓаните и бегалците. Ова е опасна ситуација. Луѓето не се менуваат за еден ден. За еден ден не се менуваат во фашисти. Во нашето општество нема место за овие чувства. Неодамнешните случувања се показател за губењето на нашата сила. Не можеме повеќе да го носиме целиот товар на Европа“.
Истакнувајќи дека договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција напредува бавно и дека треба да се прошири, Галинос рече: „Грција е заложник на овој договор. Ние сме заложници и слаби сме од финансиски аспект“.
- Турско-грчките односи се одлични
Нагласувајќи дека бегалската криза е европски проблем, Галинос рече: „Некои ова прашање сакаат да го наметнат како проблем на Турција и Грција, а не како проблем на Европа. На ова треба да се стави крај. Турско-грчките односи се одлични“.
Галинос наведе дека на островот има значително намалување на приходите во секторот на туризмот. „Знаевме дека бегалската криза ќе нѐ чини од финансиски аспект. Финансиската ситуација може да се поправи, но не и човечкиот живот“, изјави тој.
Галинос истакна дека островот поминува тешки денови од финансиски аспект. „Имавме соработка со Турција во секторот на туризмот и очекувавме голема поддршка, но поради обидот за државен удар, не дојде очекуваниот број на туристи. Затоа трпиме штета“.
news_share_descriptionsubscription_contact
