Zehra Melek Çat
19 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
ЕРЗУРУМ (АА) – Турскиот министер за здравство, Реџеп Акдаг изјави: „Во Алепо се случува навистина голема трагедија, а има големи проблеми и со здравството“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Акдаг присуствуваше на погребот на пешадискиот наредник Ариф Туг во Ерзурум, кој загина во терористичкиот напад во Кајсери. Акдаг даде изјава за АА во која потсети дека 14 војници го положија животот во терористичкиот напад во саботата, а 55 лица се ранети.
Тој нагласи дека продолжува лекувањето на повредените лица. „Моментално во болниците во Кајсери имаме 40 повредени лица. Поголемиот број од нив се подготвени за пуштање на домашно лекување, меѓутоа одговорните сметаат дека е подобро да останат малку подолго, затоа што доживеаја голема душевна траума. Имаме петмина браќа со сериозни повреди“, изјави Акдаг.
Тој истакна дека состојбата на повредените се следи внимателно и дека нема потреба да се префрлаат во друга болница, бидејќи како што рече тој, во Кајсери има добар медицински центар.
Во врска со терористичкиот напад во Истанбул, Акдаг изјави дека има многу малку повредени лица, кои се сместени во болница.
- Писмо од Алепо до Светската здравствена организација -
Акдаг се осврна на проблемите во Алепо и нагласи дека Турција ги направи потребните дипломатски иницијативи.
„Во врска со оваа тема, последните иницијативи на нашиот почитуван претседател се многу влијателни. Освен тоа, направени се потребните подготовки за ранетите лица што ќе ги донесеме во нашата држава. Националната медицинска спасувачка екипа и екипите на брзата помош – 112 ги пренесуваат ранетите на нашата страна од границата, каде што им се укажува помош во локалните болници, а подоцна ранетите се пренесуваат до другите болници во внатрешноста на државата“, рече Акдаг.
Акдаг вели дека во Алепо се случува човечка трагедија и поради недостатокот на медицински услуги.
„Повеќето од повредените и болните лица се од порано повредени и болни. Ова е показател дека во Сирија, односно во Алепо нема медицински услуги. Напишав и испратив писмо до претседателот на Светската здравствена организација пред неколку дена. Всушност, организацијата треба да преземе иницијатива којашто ќе биде далеку од политички интереси. Морам да признаам дека иницијативата на организацијата според мене е многу слаба. Јас во моето писмо до претседателот потсетив дека треба да се преземе посилна иницијатива. Во Алепо се случува навистина голема трагедија, а има многу големи проблеми и со здравството“, истакна Акдаг.
Тој подоцна со воен хелихоптер се упати кон гратчето Шенкаја, каде што присуствуваше на погребот на загинатиот пешадиски наредник Туг.