Cansu Dikme
11 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили спроведоа над 68.000 антитерористички операции во текот на минатата година при што беа спречени 515 планирани терористички напади, изјави денес турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој додаде дека како резултат на овие акции, 30.167 осомничени лица се во затвор чекајќи ги судењата за обвиненија поврзани со тероризмот.
Говорејќи на состанокот на обласните гувернери во Анкара, Сојлу истакна дека 68.464 антитерористички операции биле насочени кон ПКК, ДЕАШ, терористичката организација ФЕТО и екстремно-левичарските терористички групи, како што е Револуционерната народна ослободителна партија - фронт (ДХКП-Џ - DHKP-C ).
Од вкупниот број операции, 40.215 се насочени кон ПКК, додека 25.818 против ФЕТО, одговорен за минатогодишниот обид за државен удар во Турција.
Сојлу нагласи дека во акциите се неутрализирани 2.242 терористи.
Речиси 300 терористи се убиени во изминатите 9 месеци во нападите на беспилотните летала управувани од турските безбедносни сили. Турција, во последниве неколку месеци сѐ повеќе се ориентираше кон употреба на вооружени беспилотни летала, особено против ПКК во руралните средини.
ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ - ја продолжи својата оружена кампања против Турција во јули 2015 година. Оттогаш, ПКК е одговорна за смртта на над 1.200 припадници на турските безбедносни сили и цивили.
Сојлу се осврна и на безбедноста на турската јужна граница.
Тој истакна дека бетонскиот ѕид изграден долж границата со Сирија сега се протега во должина од 755 километри и изградбата, која започна во 2015 година долж границата од 911 километри, продолжува. Сојлу додаде дека на границата во областа Хатај подигната е безбедносна ограда во должина од 38 километри.
Според мерките за борба против шверцот и нелегалните премини, ѕидот од 3 метри на горниот дел е покриен со бодликава жица, има набљудувачници, електронски надзор, термички камери, радари, далечинско контролирано оружје, како и акустични и сензори на движење.