ИСТАНБУЛ (АА) - Заменик-премиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, денес изјави дека турското воено присуство во ирачкиот регион Бешика кај Мосул е резултат на тамошната окупација од страна на терористичката организација ДАЕШ и со цел да им се помогне на локалните ирачки сили, а не со цел да се загрозува интегритетот на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Куртулмуш денеска присуствуваше на отворањето на советувалиштето „Јешилај“ во Истанбул, и притоа ја коментираше вчерашната одлука на ирачкиот Парламент, во која остро беше критикувано военото присуство на Турција во Ирак, поточно во регионот Бешика, во близина на Мосул.
„Каде беше централната ирачка Влада кога ДАЕШ за еден ден го окупираше Мосул? Каде беше и меѓународната заедница кога ДАЕШ окупира многу ирачки градови во линија од Рака до Мосул? Турското воено присуство во ирачкиот регион Бешика или нашите операции во Сирија немаат за цел да окупираат, ниту пак да се мешаат во внатрешните работи на овие земји. Целта на военото присуство на Турција во Бешика е да помогне во надминувањето на кризата предизвикана од терористите и да го заштити населението во Мосул. Турција од почетокот се занимава со прашањето за ослободување на Мосул и е во соработка со локалните сили, пешмерга и институциите во тој дел на Ирак“, рече Куртулмуш.
Истакнувајќи дека вчерашната одлука и критика на ирачкиот Парламент за Турција е тешко разбирлива и погрешна, Куртулмуш рече дека е јасно оти Турција сноси секаков вид одговорност и обврска во однос на заштитата и зачувувањето на интегритетот на соседните држави Ирак и Сирија.
Куртулмуш исто така рече дека Турција е подготвена за секаков вид соработка со владата на Ирак кога станува збор за чистење на терористичките елементи од таа земја, и додаде дека Владата на Ирак треба да се занимава токму со прашањата за борба против тероризмот и зачувување на интегритетот и суверенитетот на таа земја.
„Турција од самиот почеток јасно кажа дека е против присуството и заканата од ДАЕШ во Мосул. Мосул му припаѓа на неговиот народ, Рака им припаѓа на нејзините жители. Ирак им припаѓа на Ирачаните, а Сирија на Сиријците, но обидите на ДАЕШ или на која било друга терористичка група за менување на етничката и демографската слика е нешто што Турција не може да го дозволи, а не би требало да го дозволат ниту ирачките власти или која било друга земја. Ние сме подготвени на соработка со ирачката Влада во врска со прашањата како да се ослободи Мосул од ДАЕШ, како да се неутрализира присуство на ПЈД или други терористички групи. Нека не ни замеруваат, но во време на големи постоечки поделби и кризата во Ирак, никој нема право да се противи на нашето присуство во воената база во Бешика, која соработува со локални елементи во борбата против тероризмот“, порача Куртулмуш.
Турскиот заменик-премиер исто така рече дека на сите им е познато оти власта на курдската самоуправа во северниот дел на Ирак, предводена од Месут Барзани, претходно од Турција и нејзините сили побара помош за обука на локалните сили во операцијата за ослободување на Мосул.
news_share_descriptionsubscription_contact
