Besar Ademi
12 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
СКОПЈЕ (AA) – Претставниците на четирите најголеми политички партии во Македонија, потписнички на Договорот од Пржино, денешната средба ја завршија без конкретен договор, но според неофицијални информации веќе се блиску до постигнување договор за две прашања за кои се преговара, изборните реформи и медиумите, по што се очекува средба меѓу политичките лидери кои треба да одлучат за датумот на изборите и преодната влада, јавува Anadolu Agency (AA).
На разговорите за финализирање на двете отворени прашања од Договорот од Пржино присуствуваа и амбасадорите на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Аиво Орав и Џес Бејли кои се оптимисти за скорешно постигнување на договор.
„Имавме петчасовна конструктивна дебата и завршивме добра работа. Сепак, не можам да соопштам дека е постигнат договор, но можам да Ви кажам дека ќе продолжиме да работиме во наредните денови. Се чувствувам оптимист, бидејќи за да се постигне таков договор понекогаш е потребно подолго време", рече амбасадорот Бејли.
Според изворите од преговорите, напредок има за медиумите, како и мало поместување за Избирачкиот список, односно за 40.000 гласачи што при теренските проверки не биле најдени и што ги оспорува СДСМ.Притоа, се дискутираше и за 170 илјади гласачи од дијаспората да бидат ставени на посебна листа.
Се разговараше и за прашањето за медиумските реформи и можноста за воспоставување на регулаторно тело кое ќе врши мониторинг на медиумите и нивно санкционирање, како и назначување на уредник на јавниот сервис назначен од страна на опозициската СДСМ.
Инаку, ова е втора средба меѓу претставниците на политичките партии по посетата на помошникот државен секретар на САД, Викторија Нуланд, која вчера замина од Скопје, охрабрувајќи ги лидерите наскоро да постигнат договор. По средбите со политичките лидери, Нуланд повика на целосно спроведување на Договорот од Пржино, барајќи од политичките лидери одредување на датум за одржување на избори. Нуланд по средбите со политичките лидери повикаа на целосно спроведување на договорот од Пржино и постигнување на договор за одредување на датумот на изборите, со цел да се надмине политичката криза во земјата.